Преку социјалните мрежи започна да се шири петиција упатена до градоначалникот на Гази Баба, Борис Георгиевски, со цел, како што се вели – „да се избориме за здравје, чист воздух и чиста околина“. Петицијата досега ја потпишаа скоро 1.000 граѓани, а јавно ја поддржаа и локални иницијативи, меѓу кои и „Зелените од Гази Баба“.
Петицијата е започната од Ивана Павловска, која до медумите паралелно испрати и допис со име „Стопирање на потенцијална еколошка катастрофа“. Во него стои дека Општина Гази Баба е во постапка на донесување на 3 Детални урбанистички планови (ДУП за С 17, блок 2, блок 3 и блок 4) за коплексот фабрика Железара.
„Согласно ГУП на Град Скопје основната намена е Г-производство, тешка и лесна индустрија. Со нив се зафаќаат нови празни површини за парцели, површините за градење се огромни, па наместо да се намали индустријата и технолошките поцеси кои го загроуваат квалитетот на животната средина во Градот, со овие планови само се зголемуваат проблемите и се отвараат нови врати за процеси кои се опасни по здравјето на луѓето и животната средина“, се вели во петицијата и дописот.
За да е пострашна приказната, стои во петицијата, во линија над комплексот ф-ка Железара во исто време се води постапка за 3 урбанистички проекти со намена Е 3.1 – постројки за термички, физичко – хемиски и хемиски третман на неопасен отпад.
„Ова претставува голема површина и потенцијална зона на загадување. За каков отпад станува збор не се знае?“, пишува во дописот, каде се приложени и три (1, 2, 3) одлуки за спроведување на стратегиска оцена – урбанистички проекти, објавени на страната на општината.
Според петицијата, донесувањето на овие ДУП-ови и убанистички проекти троструко ќе го зголеми загадувањето, троструко ќе го влоши здравјето на луѓето и кавалитетот на животната средина.
„Под директно влијание на ваквото загадување нема да бидат само жителите на населбите Железара, Бутел, Автокоманда и населените места над Обиколницата, туку целиот град Скопје и животинскиот свет кој е населен на таа зелена површина. Бараме во веќе долгата борба против загадувањето да не се дозволи да дојде до негово зголемување, да не се овозможува отворање на нови индустриски капацитети, да не се дозволат нови локации за отпад или третман на отпад. Бараме чист воздух и чиста околина! Бараме здравје!“, се вели во петицијата.
Во дописот до медиумите стои и повик дека утре (6 април) во просториите на Општина Гази Баба со почеток во 12 часот ќе има јавна презентација на „Детален урбанистички план за градска четврт C17 блок 02, C17 блок 03 и C17 блок 04 (Индустриски комплекс Железара).
„А, на 29 април се затвора јавната анкета и ако не се направи нешто до тогаш, после ќе биде доцна“, се вели во дописот.