Општество со поделеност по секаков основ, непочитување на различностите, без општо прифатени вредности и сегрегирано образование – вака основачот на Првата детска амбасада Меѓаши, Драги Змијанац, го опиша накусо македонското општество.
Ова ги поттикна од денеска да започнат кампања која ја нарекоа „Поттикни МИР“. Нејзината цел е да поттикне активности кои ќе ги промовираат вредностите како што се: еднаквоста, одговорноста, дијалогот, ненасилството, емпатијата, социјалната правда…
„Живееме во општество каде иако говориме секој на својот мајчин јазик, меѓу себе ретко се разбираме кога треба да градиме доверба, заеднички вредности и заеднички живот“, рече Змијанац за време на денешната промоција на кампањата.
Според него, државата не успева да се справи со детската сиромаштија и злоупотребата на нивниот труд. Со пандемијата, пак, се отвори дополнителен проблем – многу од децата не можат квалитетно да ја следат онлајн наставата, вели Змијанац.
Нивната мировна програма ја започнале во 2011 година, како пилот проект во три средни училишта. Десет години подоцна, тие ги повикаа граѓаните да се осврнат на оваа тема, прашувајќи ги што е мирот за нив и како да се постигне, како го препознаваат и чија одговорноста е тој?
„Да поттикнеме емпатија, разбирање и солидарност. Да се залагаме за родова еднаквост, да комуницираме и да се слушаме повеќе. Да ги учиме новите генерации да не се плашат да дискутираат на теми што им се нејасни или непознати. И постојано да промовираме ненасилство“, порача Фатмире Ајдари, мировна работничка во Меѓаши.