Еден од секои три лица кои биле тешко болни од коронавирусот потоа добивале дијагноза на некакво невролошко или психичко нарушување во првата половина година, покажа ново истражување.
Студијата, која е најголема од овој вид, користела електронски здравствени податоци на преку 236 илјади пациенти, од кои најголем дел во САД, открива дека 34% од лицата дожувувале некакво влошување на менталното здравје. Најчестата дијагноза била вознемиреност, која била дијагностицирана кај 17% од пациентите.
Експертите предупредуваат дека здравствените системи мораат да имаат доволно ресурси за да се справуваат со пациентите кои се справуваат со овие состојби, што може да биде огромен број имајќи го во предвид обемот на пандемијата. Тие предвидуваат дека ова влијание врз здравствените системи ќе трае повеќе години.
Иако невролошките дијагнози како мозочни удари и деменција биле ретки, сепак не биле невообичаени кај оние кои биле критично болни за време на инфекцијата. Од оние кои биле примени на интензивна нега дури 7% имале мозочен удар, а скоро 2% добиле дијагноза на деменција.
Студијата која е објавена во списанието „Лансет Психијатрија“ открива и дека овие дијагнози биле многу почести кај пациенти со Ковид-19 отколку со оние кои прележале грип или пак некакви други респираторни инфекции во истиот период. Кај пациентите од Ковид-19 имало 44% поголема шанса за невролошка или психолошка дијагноза отколку кај оние кои имале грип.
„Ова се податоци од голем број пациенти од реалноста. Тие потврдуваат високо ниво на психијатриски дијагнози по Ковид-19 и покажуваат дека сериозни нарушувања влијаат на нервниот систем. Иако индивидуалниот ризик за најголемиот дел од овие нарушувања е мал, низ целата популација нивното влијание е значајно за здравствениот систем и системот за социјална заштита поради обемот на пандемијата и фактот дека голем број од овие состојби се хронични. Како резултат, здравствените системи мора да имаат доволно ресурси за да се справат со очелуваната потреба, како на примарно, така и на секундарно ниво“, вели професорот Пол Харисон од Универзитетот во Оксфорт, кој е водечкиот автор на студијата.
Пред студијата постоеше загриженост дека оние кои прележале коронавирус може да имаат зголемен ризик од невролошки нарушувања. Таков заклучок беше добиен и од претходно истражување на истиот тим, во кој беше утврдено дека кај луѓето има зголемен ризик за нарушување на расположението во првите три месеци по инфекцијата.
Авторите на новата студија сепак нотираат и неколку ограничувања на нивната студија, како фактот дека многу луѓе со симптоми на вирусот немале здравствена нега, па луѓето од истражувањето најверојатно се оние кои имале најлоши манифестации на болеста. Истовремено студијата посочува дека јачината на невролошките и психијатриските нарушувања не е позната.