„Убав е денот кога почнува со детска прегратка. Ваквите моменти нека ни бидат постојана инспирација, за секој од нас да вложи најмногу што може за децата. Тие се и нашата сегашност и нашата иднина“.
Ова е Инстаграм пост на македонскиот премиер Зоран Заев од пред еден месец, придружен со слика каде гушка дете во детска градинка, за време на посетата на владини претставници на градинката во Карпош. И можеби се ќе беше во ред, доколку посетата и дружбата со децата не се случеше во ек на пандемија. Колку за потсетување, според строгите протоколи за работа на градинките, никој освен воспитачките и негувателките не смеат да бидат во контакт со децата при престојот во градинка.
Отприлика во истиот период, прес службата на министерството за образование и наука, испрати соопштение и фотографии од работна средба на министерката Мила Царовска и нејзинот заменик Арафат Шабани. И двајцата разговараат без маски, во еден од работните кабинети на министерството. На прашањето на Радио МОФ, која е причината за неносење маски во канцеларија, инстантно добивме кус одговор дека се почитувани сите протоколи за заштита од Ковид 19, а биле отворени и прозорците во просторијата. Колку за потсетување, веќе половина година, неносењето маски е дозволено само по дома.
Двајца високи владини функционери пак, заминаа на одмор среде пандемија. Вицепремиерот за борба против корупција Љупчо Николовски замина на неколкудневен одмор во Дубаи, а генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, убаво се одмори во Мексико. И во овој случај ќе изостанеа јавните критики доколку секојдневно немаше илјадници новозаразени од Ковид 19, во време кога земјава има сериозен проблем со набавка на вакцините.
Ова се само неколку примери од последниот период, кои повторно го отворија прашањето за тоа зошто е важно јавните функционери да се однесуваат одговорно во време на светска пандемија и да бидат пример за останатите граѓани.
Или како што објаснува Марко Трошановски, претседател на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“, во македонското општество, евидентно е отсуството на одговорност кога се работи за јавните функционери.
„Јавните функционери нели ја претставуваат јавноста, работат за јавноста, се платени од јавноста. Следствено истите треба да бидат пример за тоа како треба да се однесува, но и како да се понесе одговорност ако се загрози јавноста со своето однесување, како што беше направено во неколку наврати. Дел од функционерите се извинија, не е дека немаше извинување, меѓутоа отсуството на одговорност, тука е, прво морална и политичка“, смета Трошановски.
На иста линија е и размислувањето и на комуникологот Бојан Кордалов. Според него, токму финкционерите се тие кои треба да дадат пример со своето однесување, но и да покажат дека и тие ги делат истите проблеми, со граѓаните.
„Потребно е политичарите, јавните функционери да дадат директно пример за тоа како треба на свој грб да покажат дека ги почитуваат сите мерки, што е основата за всушност да може да се постигне поголемо заедништво, разбирање и емпатија.
Што се однесува и до патувањето и до прекршувањата, мислам дека има една многу важна работа, бидејќи посебно доаѓаме од емпатијата и до чувството на привилегираност и на непривилегираност. Мора да се разбере дека во тешки моменти како што е оваа криза, и генерално секогаш, граѓаните имаат потреба, сите ние имаме потреба да видиме дека политичарите ги чувствуваат истите проблеми и предизвици како секој од нас, да видиме и да почувствуваме дека при носењето на одлуките, политичарите поаѓаат и од нашите перспективи. Не дека доаѓаат од перспектива на нешто што е таму далеку кое не ги чувствува проблемите, туку ги наметнува за некој друг“, вели Кордалов.
Неодговорното однесување на дел од политичарите среде пандемија, доведе до повеќе скандали кои го стресоа западниот свет. Министерот за здравство на Нов Зеланд поднесе оставка поради лошо управување со карантинот и со објектите за изолација, откако претходно бил фатен како ги крши правилата за карантин. Советникот на британската влада поднесе оставка откако ги прекршил правилата за изолација и се сретнал со својата девојка. Министерот за канадската покраина Онтарио, си поднесе оставка по враќањето од одмор на Карибите.
Кордалов вели дека оставките како чин на морална или лична одговорност се нешто кое што недостасува во македонското општество. Смета дека сега, како никогаш досега ни е потребно заедништво и преземање заедничка одговорност, од сите партии.
„Потребата за акција е заедничка, така што, не сметам дека е проблем да се бара одговорност, одговорност треба да се бара, прво треба да се има лична одговорност, меѓутоа сметам дека е поважно да се побара промена на работите. Не одговорност за да се замени столицата на еден човек со друга личност, туку ако бараме одговорност за да не ги повториме грешки, тоа е нешто кое мораме да го разбереме и сфатиме дека политиката сфатена и водена како во ринг на борач, или тореадори, каде што се чекаат кога едниот ќе падне или не дај боже загине, не е политика на 21. век. Политика на 21. век значи дебата, разговор, нудење алтернативи, соработка, но пред се значи ставање на приоритетите на граѓаните во прв план, а не личните и партиски интереси“, смета тој.
И според Трошановски, иако давањето оставки е преземањето одговорност е чест случај во развиените демократии, кај нас тоа отсуствува.
„Во нашиот случаи, отсуството на морална одговорност за вакви работи укажува кое е исто повторно нивото на демократска свест кај партиите и нсителите на јавн функции. Досега, оние кои си дадоа оставка од морални причини, беа само претставниците од граѓанската, од Шарената револуција кои влегоа од власта. И тоа кажува колку партиите креираат или не креираат демократска свест кај нивните активисти, членови и функционери кои ги именуваат. Не видовме ниту една ситуција, исто така партиски член во извршната власт да си даде оставка од морални причини. Така да, притисокот мора постојано да се прави од нас, од вас медиумите и да се гласа за оние кои што ќе покажат доблест и етика да се однесуваат согласно општествениот морал“, додава Трошановски.
Сепак, во Владата сметаат дека добро ја менаџираат ситуацијата. Според владиниот портпарол, Душко Арсовски, никој не е над правдата. Вели дека сите се еднакви пред законот и подлежат на исти правила.
„Граѓаните кои го прекршуваат законот без оглед на тоа дали се работи и за јавни функционери , носители на јавни функции- важат сите, односно ќе ги сносат сите последици. Никој не е над правдата. Пример за тоа дека сме еднакви е случајот кога првиот вицепремиер Артан Груби беше казнет кога го прекрши законот за заштита на населението од заразни болести зашто како одговорно лице дозволил прослава без заштитни маски. Паралелно испекциските служби се на терен и апсолутно се во служба на граѓаните. Апелираме постојано да се почитуваат сите протоколи за да се спречи растот на коронавирусот во нашата држава“, вели Арсовски.
Високите владини функционери историски се „срамежливи“ во преземањето одговорност. Оставките се бројат на прсти. Прв на ум доаѓа Антони Пешев, министер за сообраќај во 1993 година кој поднесе неотповиклива оставка од морални причини, по авионските несреќи на „Палер“ и „Авиоимпекс“.
Оставка во 1995 година даде и Љубомир Фрчкоски, министерот за внатрешни работи, кога во 1995 беше извршен атентат врз претседателот Киро Глигоров, но и Миле Јанакиески, министер за транспорт и врски по бродската несреќа на Охридско Езеро каде загинаа 15 бугарски туристи. И двете оставки не беа прифатени од тогашните премиери.
Пред три години, поради морални причини оставка поднесе Министерот за правда Билен Саљији поради преквалификацијата на обвинението од Јавното обвинителство за смртта на малиот Алмир од Куманово.
Македонската јавност памети и оставка на еден премиер – Хари Костов. Тој се повлече од функцијата пет месеци од изборот во 2004 година. Како причина за ваквиот потег ги наведе проблемите со ДУИ, коалиционен партнер во тогашната влада на СДСМ.
Јасмина Јакимова