Бизнисот „ги турка“ малите хидроцентрали, еко-активистите бараат задолжителни студии за влијанието врз животната средина

Значајно е производството на електрична енергија од малите хидроелектрани, како обновлив извори на енергија. Но, дали треба да се зголемува и фаворизира нивната застапеност, ако се има предвид дека со изградбата на малите ХЕЦ се влијае штетно врз животната средина? Колку еколошките здруженија упорно апелираат да се стопираат започнатите градби и најавените проекти за мали ХЕЦ, толку повеќе надлежните посочуваат дека тие се најисплатливата варијанта за добивање на чиста енергија и оттаму нивниот број треба да расте, пишува Мета.

На прес-конференцијата на тема „Придобивките од малите ХЕЦ како еден од најефикасните извори и најзначаен обновлив извор на енергија и нивното социо-економско влијание во државата“ претставници на бизнис секторот и на МАНУ тврдеа дека реализацијата на повеќе вакви инвестиции и проекти ќе придонесе за забрзување на процесот на енергетската транзиција, што е еден од приоритетите на Владата, даден во Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година. Прес-конференцијата ја организираше Групацијата за обновливи извори на енергија при Стопанската комора на Северна Македонија.

Според Александар Дединец од МАНУ, малите ХЕЦ заедно со другите ОИЕ, „се значајни во процесот на енергетска транзиција и се императив за раст на економијата, социјалата и зачувувањето на животната средина“.

Дединец вели дека, според Зеленото сценарио во Стратегијата за енергетика, до 2040 година 95 отсто од инсталираните енергетски капацитети треба да работат на ОИЕ, а 42 отсто од нив да бидат мали ХЕЦ.

Тој смета дека во наредниот период треба максимално да се искористат сите потенцијали во државата од ОИЕ, а малите ХЕЦ, според Дединец, се најисплатлива варијанта во вака поставениот енергетски систем.

„Тие ги намалување стакленичките гасови и произведуваат чиста енергија, без ЦО2. Моменталната редукција на ЦО2 е 418.204 тони годишно во воздухот“, вели Дединец од МАНУ.

Тој посочува дека во мали ХЕЦ до 2040 година, Стратегијата предвидува да се инвестираат 1,2 милијарди евра.

„Новите инвестиции (без ХЕЦ „Чебрен“) ќе создадат и потенцијал за отворање на 2.500 работни места и локален и регионален раст и развој“, вели Дединец.

Самоил Целески, од ЕМК „Мали хидроелектрани“ смета дека во јавноста имало многу забелешки и реакции од граѓански здруженија околу изградбата на мали ХЕЦ во заштитени подрачја. Добар дел од нив, според него, не биле оправдани „бидејќи, градежниот опфат за мала ХЕЦ не преминува површина од 3 хектари, а природата за 5 години успева да се врати во претходната состојба“.

Според него, придобивките од малите ХЕЦ се многу позначајни, во смисла на збогатување на воздухот со кислород и намалувањето на глобалното затоплување, при што го посочи примерот со Словенија, каде се изградени за 4 пати повеќе мали ХЕЦ отколку во нашата земја.

„Со почитувањето на добри градежни практики, воспоставување на патеки за риби, заштитни градежни објекти, пошумување и почитување на законите, штетите можат да се сведат на минимум“, рече тој.

Сосема спротивни агрументи во врска со изградбата на малите ХЕЦ имаат од здружението „Еко-свест“, од каде посочуваат низа факти за штетноста на ваквите зафати.

„Со ваквите проекти се прават прегради на природните реки, а на една река може да се изградат повеќе брани кои го оневозможуваат природниот тек. При изградбата се градат пристапни патишта и се расчистува теренот, се сечат шуми што е фрагментација на шумскиот екосистем. Има и загуби на биодиверзитет, и често патни нискиот водостој, по зафатот, ги истребува значителните ретки загрозени ендемични видови. Вака се уништува поволниот еколошки статус на реката и речниот предел“, велат од „Еко-свест“ за Мета.мк.

Додаваат дека, со изградбата на ХЕЦ се врши трајна геоморфолошка промена на теренот, како и дека реките по зафатот имаат мало количество вода и се суви, со што се уништува еколошкиот статус.

Поради градежните активности при изградба, пределот се видоизменува и најчесто не се враќа во првобитната состојба, нема пошумување или мерки против ерозија, што може да доведе до свлечишта и дополнителни штети.

„Сѐ уште нема соодветна законска рамка за еколошки проток на реките со која ќе се спречи пресушувањето и уништување на екосистемите од функционирањето на малите ХЕЦ“, вели за Мета.мк директорката на „Еко-свест“, Ана Чоловиќ Лешоска.

Таа додава дека наместо елаборати за животна средина, државните органи треба да ги обврзат инвеститорите на овие проекти да изработат студии за оцена на влијанието врз животната средина, со што ќе се предвидат соодветни мерки и ќе се обезбеди учество на јавноста, што не е случај во моментот.

Чоловиќ Лешоска потенцира дека граѓаните плаќаат за субвенции на производителите на струја од малите ХЕЦ кои во најголем дел завршуваат кај истите.

„На оваа технологија не ѝ е потребна поддршка и субвенциите треба да одат за почиста енергија, од сонце и ветер“, посочува Чоловиќ Лешоска.

Мета