Александар Савески е графички дизајнер со огромна желба за учење на нови работи – од видео, анимација, фотографија и 3Д, па до уште мал милион други работи кои како што вели, му го прават животот поинтересен.
„Моето искуство вели дека доколку секојдневно се посветиш на нешто во кое што сакаш да бидеш добар, доколку бидеш доследен и дисциплиниран, ќе ги почувствуваш позитивните резултати за многу брзо време“, вели тој за Радио МОФ.
Речиси е на пола пат од неговиот креативен предизвик кој ќе трае 365 дена, во кои секојдневно создава нешто креативно без никакво ограничување на медиумот, а делата ги објавува на своите социјални профили истиот ден.
„Поради притисокот за секојдневно креаирање, јас самиот се форсирам секогаш да бидам максимално креативно мотивиран и инспириран, поради тоа постојано свесно ја набљудувам околината околу мене, следам детали коишто досега не сум ги забележувал и се претрупувам со визуелни моменти од Инстаграм, Пинтерес, Јутјуб, Бихенс итн“, вели Савески.
Голем дел од инспирацијата ја добива од печатени стрипови, кои според него даваат многу поголем фидбек од веб-стриповите. Во моментов го чита и препорачува „Preacher“ („Проповедник“), за кој вели дека е стрип со одлична приказна и иако „постар” сепак релевантен и со одличен стил на цртање.
„Овој период сум посветен повеќе на колорни илустрации каде што пробувам да си го најдам стилот, се надевам во иднина дополнително ќе експериментирам и поради тоа проектот ќе ми донесе нови предизвици“, вели тој.
Савески е уште еден графички дизајнер кој се приклучува на нашата иницијатива #ИнстаИлустрации. Во продолжение, погледнете неколку негови дела:
View this post on Instagram
View this post on Instagram
View this post on Instagram
View this post on Instagram
View this post on Instagram