Од Регионалното географско друштво „Геосфера“ од Битола, истакнуваат дека еколошките и комуналните проблеми на Баирот ќе стануваат уште поголеми, доколку се продолжи со нивно игнорирање од страна на надлежните институции. Тие креираа и онлајн петиција која повикува на итно и неодложно чистење на каналот од страна на ЈП Нискоградба и поставување на контејнери и подигање на сметот од страна на ЈП Комуналец.
Од друштвото велат дека каналот за прифаќање на поројните води, кој постојано се пали и предизвикува енормно аерозагадување во населбата Бадембалари во Битола е проектиран пред 40 години за заштита од поплави, кал и земја, која за време на поројни врнежи се слева од Баирските ридишта до центарот на градот.
„Регионалното географско друштво ГЕОСФЕРА-Битола на 15.10.2020 год. побара од ЈП Нискоградба (под чија надлежност е одржувањето на каналите) да го исчисти каналот, бидејќи истиот е целосно потрупан со отпад и не ја обавува функцијата за која е изграден, а преку споредба на сателитските снимки на Google Earth констатиравме дека каналот не е исчистен од 2016 год“, велат оттаму, додавајќи дека одговорот што го добиле бил да се обратат до Секторот за комунални работи при Општина Битола.
Од „Геосфера“ велат дека поднеле граѓанска иницијатива до Советот на Општина Битола за решавање на еколошките и комуналните проблеми во населбата Баир со соодветни предлози, на кои не добиле одговор.
„До ЈП Комуналец понудивме донација за поставување на контејнер со капацитет од 5 m3 на локација кај каналот за да можат жителите соодветно да го депонираат отпадот, но и во иднина, доколку се исчисти каналот да не се потрупи со отпад – одговор: не работеле со такви контејнери, без никаков друг предлог.
На најсиромашното население на Баирот им поделивме триесетина алатки за соголување на кабел за да не ги палат каблите, со што, ќе се намали аерозагадувањето и побаравме да се организира откуп на ПВЦ гумата од каблите за да ги стимулираме луѓето за селекција на отпад – нема интерес ниту од Општина Битола, ниту од ЈП Комуналец“, велат оттаму.