Станбени згради од 20 и 22 катови со 400 станови во кои ќе живеат 1.200 луѓе, но и деловен објект од 16 катови е предвидено во станбено-деловниот комплекс „Гранд“ кој денеска го презентираше македонската компанија „МГ Фешн“.
Се работи за делот спроти „Холидеј ин“, парцелата 1.1. од ДУП-от„Голем Ринг“ – јужен дел, каде од компанијата и ангажираните архитекти тврдат дека ќе има 6.520 метри квадратни зеленило, многу повеќе од она што е предвидено со законот и во оваа површина не влегува зеленилото на терасите на зградите.
Тврдат дека не станува збор за плагијат во однос на сликите со зелените тераси од објектот, туку дека „вертикалното зеленило е светски тренд“.
На презентацијата беше речено дека замислата е проектот „Гранд“ да „го претвори запоставениот, руиниран дел од центарот на градот во нов урбан, модерен и зелен комплекс, кој е еколошки и енергетски-ефикасен“. За него компанијата ќе вложи околу 60 милиони евра.
„Станува збор за станбено деловен комплекс кој ќе се реализира во три фази. Во проектот се инкорпорирани многу јавни површини и многу зеленило. Идејата е овој комплекс да претставува ново обележје, нов лендмарк на градот“, рече Управителот на „МГ Фешн“, Илија Божиновски.
Напомена дека комплексот ќе се гради во три фази, при што во првичната фаза најпрво ќе се гради кулата со приземје, 20 ката и поткровје со бруто развиена површина од 29.438 метри квадратни, додека во втората фаза ќе се гради висококатницата од 22 ката со бруто развиена површина од 27.870 метри квадратни. Овие два објекти се сместени во просторот покрај кејот на реката Вардар, додека последната зграда од 16 ката ќе биде изградена на спротивната страна од парцелата, спроти „Соравија“ и постојната катна гаража.
Архитектот Мартин Пановски посочи дека возилата во комплексот ќе бидат сместени под земја, а надземно просторот ќе биде искористен за изведба на пешачка улица од идниот јавен простор на парцелата 1.4 во ДУП-от во правец кон постојниот мост кај хотелот „Холидеј Ин“. Со тоа, вели тој, би се овозможило непречено движење на пешаците кон плоштадот „Македонија“ и ГТЦ.
Зградите би имале подземни паркинзи три нивоа под земја или вкупно 969 паркинг места.
Архитектката Јана Гугуловска рече дека на локацијата според Генералниот урбанистички план е предвидена подземна сообраќајница под кејот, а постоечката улица со калдрма намената и е да биде сервисна улица за жителите на овие згради.
Во однос на градинка, во ДУП-от не предвидено такво нешто. Беше нагласено дека во радиус на 100 метри има две школи и градинка, но, сепак, ако има интерес, постои можност да се отвори приватно училиште или градинка во деловниот простор.
Управителот Божиновски тврди дека жителите на Ново маало дале поддршка за реализација на проектот.
„Компанијата останува отворена за комуникација со сите сопственици на имот и за нивно адекватно обештетување, а со цел заокружување на проектот“, рече Божиновски.
Инаку, досега во јавноста имаше бура од реакции за висококатниците спроти „Холидеј ин“. Граѓани потпишуваа на петиција „против бетонски чудовишта“ на која досега се потпишаа близу 10.000 граѓани.
Градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ побара помош за висококатниците кај ГТЦ. Тој тврди дека општината сама не може да се бори и дека „ако сите институции и судски органи си ја вршат работата за која земаат плата, многу работи ќе беа поинакви и немаше да се реализираат планови кои се спротивни на Генералниот урбанистички план“.
Истовремено, Антикорупциска комисија предложи суспензија на спорниот ДУП.
Група граѓански организации, универзитетски професори и архитекти денеска упатија и јавен повик до премиерот Зоран Заев за поддршка на суспензијата од Општина Центар за Деталниот урбанистички план ЦО8 (паркингот спроти х. „Холидеј Ин“), како и други ДУП-ови коишто не се усогласени со Генералниот урбанистички план.
Во барањето се повикуваат Министерството за транспорт и врски и Градот Скопје, но и другите надлежни институции да се произнесат и да се обврзат дека нема да издадат согласности да ДУП-ови коишто не се усогласени со ГУП. Во Јавниот повик се посочуваат низа аргументи зошто е спорен ДУП-от кај „Холидеј Ин“.
Б.Ш.