Пандемијата ги спушти диригентските стапчиња. Ги испразни културните центри и ја стиши музиката. Меѓу најпогодените од пандемијата беа културните работници, а меѓу нив – хоровите.
Диригентот Сашо Татарчевски вели дека почетокот на мерките поврзани со пандемијата биле шок. Веќе не можело да се одржуваат пробите, а пропаднало сè она што претходно се земало здраво за готово.
Исклучително тешка ситуација за музичарите
„Во таа првична општа збунетост ни требаше малку време за да се најдеме и да размислиме што понатаму. Голем предизвик беше да се осмисли начин како да се продолжи, како да не згаснат ансамбли за кои се потребни години и години на континуитет за да се достигне интернационално ниво и во кои сте вложиле огромен труд и работа за тоа ниво да се задржи и надгради. Јасно беше дека ќе мора да се користат онлајн сервисите за видео комуникација, но нивната голема техничко-технолошка ограниченост – кога станува збор за музика, а особено за ансамблово музицирање, прилично не фрустрираше на почетокот. Требаше одреден период на адаптирање и истражување за да можеме да најдеме соодветен начин на функционирање кој ќе ни даде каква-таква можност за успешна работа“, објаснува диригентот.
Татарчевски вели дека една од најголемите предности и придобивки на хорското музицирање е токму меѓусебната блиска комуникација и длабоките врски кои се формираат помеѓу членовите на хорските ансамбли.
„Таа социјална димензија на оваа дејност исклучително ни недостасува и сè уште нема начин како да се надокнади. Ни оддалеку не е исто дружење и заедничко пеење во живо и групен онлајн митинг на кој не може истовремено да звучат ни двајца, а камо ли цел ансамбл. Веќе спомнав дека онлајн алатките кои ни се достапни денес се на многу низок ниво на технолошки развој кога станува збор за толку комплексна материја како ансамбловото музицирање. На кратко кажано, исклучително тешка ситуација кога станува збор за музичарите и музиката генерално“, нагласува тој.
Моментално, женскиот хор при Младинскиот културен центар со кој диригира Татарчевски работи онлајн, а за во потоплите месеци се планирани и неколку физички проби за доработка на програмата за планираните концертни настапи. „Виртуелниот хор“ како што објаснува диригентотот, учествувал и на различни меѓународни онлајн настани.
Татарчевски посочува дека поради инерцијата и неадаптираноста во склад со новата ситуација, на почетокот се фрлило стигма на хорското музицирање поради случаи на масовно заразување во САД и Австрија. Сепак, додава дека по првичниот шок се направиле темелни истражувања за можноста за безбедно практицирање ансамблова музика во услови на пандемија.
„Тие мерки вклучуваат одредено растојание помеѓу изведувачите, просторија за работа со добро проветрување, одредени временски ограничувања (според параметри поврзани со големината на просторот во кој се работи и бројноста на изведувачите) и соодветни хигиенски протоколи поврзани со местото на работа“, вели тој, додавајќи дека придржувајќи се токму кон тие протоколи, немало ниту еден случај на зараза при активностите на хорот.
Го прашаме диригентот со која мелодија и изведба би настапиле во првата прилика, при што тој со нас сподели дека женскиот младински хор при МКЦ во моментов подготвува прилично сериозна и убава програма со поголеми композиции на Бенџамин Бритн и Јоханес Брамс.
„Во нив, меѓу другото, се пее и за љубов и за надеж и за верба во подобра иднина. После сиот страв и сите негативни и тажни работи кои ни се случуваа во изминатиов период, ние силно веруваме дека музичката уметност и посебно хорското музицирање можат да играат важна улога во одржувањето на духовното и психичкото, а со тоа посредно и на физичкото здравје на луѓето“, вели Татарчевски.
Една од моите најголеми пасии веќе не е дел од моите дневни активности
Марко Гапо е хорист кој членува во повеќе хорови. Тој вели дека уште од основно пее по хорови.
„Пола живот по хорски проби ми е поминат, до степен кај што хорското пеење е станато како еден дел од мене. Кога почна пандемијата и собирањето на голема група луѓе почна да станува невозможно, тој дел од мене наеднаш го снема. Нема веќе редовни проби, го нема чувството на исполнетост после добра проба, еуфоријата после успешен концерт или возбудата за време на хорска турнеја во странство. Една од моите најголеми пасии веќе не е дел од моите дневни активности и тоа страшно фали“, нагласува Гапо.
Тој се надоврзува дека работата во хор не е едноставна работа – за време на проба диригентот мора да се погрижи сите да пеат како еден. Секој еден да биде изедначен со другите, секој на ист начин да го оформи вокалот, секој да пее во точна интонација. Секој да ги слуша другите хористи околу себе за да може да се адаптира и да се вклопи во звукот без да штрчи. Сите да почнуваат и завршуваат со музичките фрази во исто време, да бидат во исто темпо …
„Привремени решенија се наоѓаат. Со хорот „Мирче Ацев“ под водство на Јасмина Ѓорѓеска при почетокот на пандемијата снимивме неколку онлајн изведби, каде што секој хорист поединечно праќаше снимка од себе па сите снимки се спојуваа. Истото го направивме и поранешни членови на хорот „Драган Шуплевски“ под водство на Сашо Татарчевски“, вели Гапо.
Сепак, моменталната состојба, се надоврзува тој, е можеби најпроблематична за хорот на Македонската опера и балет, каде што тој работи со стотина колеги.
„Се воведоа мерки – одделни проби, скратен состав и пеење со маски. Но со секој нов бран на заразени мораме да прекинуваме со работа. Едвај има претстави, а и претставите се сведени на концертни изведби. А бидејќи бројот на присутни на проба е ограничен, учесниците мораат да ротираат за секое дело, па некои хористи едвај доаѓаат на ред за проба. Со тоа работата на хористот е сведена на минимум и стагнира, а хорист, како и секој друг уметник мора да има континуитет за да ги одржува своите вештини на солидно ниво. Како и да е, привремени решенија постојат, но ништо не може да го замени вистинскиот начин на функционирање на хор“, објаснува Гапо.
Тој вели дека за време на пандемијата, си измислил безброј активности – почнал да вежба, да готви, да учи германски, да компонира, да ги истражува планините и езерата на државава.
Гапо смета дека вистински излез од ситуацијата се реални мерки како целосен карантин или масовна вакцинација – две мерки кои не се спроведуваат.
„Мислам дека сите културни работници, меѓу кои и хористите, се меѓу најпогодените, кои заради специфичноста на својата професија не можат или не можат целосно да ја работат својата работа, како на пример тие на кои работата им зависи од настапи во живо и заеднички групни проби. Македонија не е Македонија без културни настани, а во бескрајнава пандемија каде што цела земја е психички падната мислам дека на секој би му дошло убаво концерти, свирки и претстави, така што – да, мислам дека треба да се има предвид и за уметниците во „приоритетизирањето“ со вакцините“, вели Гапо.
Хоровите ја имаат најголемата моќ со музика која ги изразува најкревките емоции
Размислувајќи за тоа како би се дочекал крајот на пандемијата, Гапо смета дека најсоодветно е да се испее некоја триумфална и ведра композиција, додавајќи дека според него, хоровите ја имаат најголемата моќ со музиката која ги изразува најкревките емоции.
„Македонската хорска музика посебно владее со вакви, па затоа едвај чекам да застанам во хор и со сè насобрано во нас да ја испеeмe „Ленка“ од Трајко Прокопиев или „Кумановка 4“ од истиот композитор, па малку мерачки да се исплачеме за сè низ што сме поминале периодов“, истакнува тој.
Хор под маски
Јасмина Ѓорѓеска е диригентка при хоровите „Мирче Ацев“, Оперскиот хор при Националната опера и балет, како и Градскиот мешан хор „Вардар“. Таа вели дека на почетокот самоиницијативно снимале онлајн композиции со хорот „Мирче Ацев“, а градскиот мешан хор „Вардар“ се пријавиле на онлајн меѓународен хор, каде во категоријата мешани хорови освоиле прво место и златна плакета.
„За време на летото и есента пробите се одвиваа на отворено, па така и ги одржавме нашите концерти . При крај на 2020 година, со двата аматерски хора учествуваме на Новогодишен онлајн хорски концерт организиран во Србија (Неготин)“, вели таа.
Зборувајќи за Оперскиот хор при Националната опера и балет, каде Ѓорѓеска работи како хор диригент, таа нагласува дека имале редуцирани проби со скратени состави изминатиов период, а хорот учествувал во неколку гала коцерти како и концертна изведба на оперите „Травијата“, „Кармен“ и „Кавалерија Рустикана“.
„Пеењето беше со маски кои навистина се пречка за хорските и воопшто за сите вокални уметници. Нередовното, неконтинуирано одржување на пробите е голем проблем за ваквиот вид на ансамбли,бидејќи се работи за жив инструмент,на кој му треба постојан тренинг. Имено, во хорските композиции еден од најглавните сегменти е музичката агогика како и меморирање на текстот, а без континуитет тоа е речиси невозможно. Тука спаѓа и спојување на гласовите, нивно унифицирање, работа на боја и вокал кои повторно ќе се навратам, без континуитет и заедничко музицирање, се голем проблем“, вели Ѓорѓеска.
Taa потенцира дека моментално, аматерските хорови не функционираат, практика која започнала во ноември, додавајќи дека постои иницијатива да се почне со работа кога времето би се затоплило, па пробите би можело да се одржуваат на отворено.
„Што се однесува за оперскиот хор тој работи во затворен простор и пее со маски, но во скратен состав, запазувајќи ги здравствените мерки, подготвувајќи и изведувајќи хорски концерти и вокално-инструментални дела“, вели диригентката.
„Smile“
Соња Стерјевска е хористка при Градскиот мешан хор „Вардар“. Таа вели дека со пандемијата, дошла и неможноста за одржување на проби, неможноста за одржување настапи и концерти, како и невозможноста за дружење и пријателства.
„Одржувањето хорски проби многу недостасува. Во летниот период со крајно залагање и напори на членовите на Управниот одбор и диригентката одржавме неколку проби на отворено, но со многу мал број хористи. Успеавме да изведеме краток настап на отворено во градскиот парк“, вели таа, додавајќи дека моментално нема никакви хорски активности.
Се надоврзува дека како долгогодишен хорист, многу и фали хорот и би сакала сите побрзо да се вакцинираат.
„Со оглед на тоа што сме аматерски хор, чии членови доаѓаат исклучиво од љубов кон хорското музицирање, не верувам дека власта ќе покаже сенс за потребата од наше вакцинирање“, вели таа, велејќи дека за првата изведба би сакала да ја изведе „Smile“ од филмот „Moderne Zeiten”.
Не постои платформа која поддржува истовремено пеење
Емили Христовска пак е хористка при женскиот хор на МКЦ. Таа вели дека онлајн пеењето е незамисливо тешко за еден уметник и пејач, но посебно пеењето во ансамбл односно хор.
„Хорското пеење е засновнано на истовремено пеење на повеќе гласови и взаемна и меѓусебна соработка, помагање и разменување енергија. За жал за сега не можеме и не постои таква платформа која поддржува истовремено пеење на повеќе луѓе. Така што ние мораме да пееме една по една, нашиот диригент максимално се вложува и труди да ја прикаже добрата страна на сето тоа и да не мотивира, но навистина е многу тешко и многу поразлично“, вели таа.
Христоска објаснува дека со хорот одржуваат редовни онлајн проби на кои совладуваат нови материјали и се учат нови композиции.
Христоска додава дека сака да се врати нормалата, заедно со енергијата и меѓусебната љубов која ја делат хористите.
„Нема нешто подрагоцено од нашата дружба и посветеност, а за тоа е премногу заслужен нашиот диригент кој толку мудро не води и се справува со нас. Би сакала да пееме нешто од македонските композиции и нешто од фолклорниот материјал“, вели таа.
Ивана Смилевска