Држете дистанца колку што е „здивот од лук“, за да останете безбедни од Ковид 19

Луѓето треба да ја користат дистанцата колку што е „здивот од лук“ за да увидат дали се доволно блиску до друга личност за да се случи пренесување на новиот коронавирус, вели д-р Џулијан Танг, консултант вирусолог во болницата „Лестер Ројал“ и автор на новата студија објавена во Британскиот медицински журнал.

Според него, владите и здравствените лидери треба да ги насочат своите напори кон пренесувањето на вирусот преку воздух.

„Ако можете да го почувствувате ручекот на вашиот пријател, тогаш сте премногу близу“, појаснува  Џулијан Танг.

На прашањето дали е погрешно фокусирањето на миење раце и дезинфекција, за Скај Њуз,  како што пренесува Гаридијан“ вели: „Значи, пораката „раце, лице, простор“, сметаме дека треба да биде „простор, простор, раце“. Начинот на кој овој вирус се пренесува е преку растојанието за разговор, во рамките на еден метар“.

„Кога зборувате со пријател или го споделувате истиот воздух додека го слушате вашиот пријател како зборува, ние тоа го нарекуваме растојание на „здивот од лук“. Значи, ако можете да почувствувате мирис на ручекот на вашиот пријател, вдишувате дел од тој воздух, како и кој било вирус што се вдишува со него. И затоа ние велиме дека носењето маски е добро, социјалното растојание е добро, но треба да се подобри внатрешната средина, а тоа може да се направи со вентилација“.

Британската медицинска асоцијација (БМА) соопшти дека владата јасно ја пренела пораката „раце, лице, простор“, но треба уште да се направи за да се промовира важноста на свежиот воздух. На пабовите, баровите и рестораните, работните места и други објекти, треба да им се дадат упатства за вентилација додека се подготвуваат да ги донесат луѓето повторно во затворен простор, соопшти БМА.

Една статија во Британскиот медицински журнал ја нагласи важноста на аеросолниот пренос на вирусот. Авторите од повеќе универзитети рекоа дека „најситните суспендирани честички можат да останат во воздухот со часови“.

Тие додадоа и дека луѓето имаат поголема веројатност да се заразат во просторија со прозорци што не можат да се отворат или каде нема никаков систем за вентилација.

„Сега е јасно дека Sars-CoV-2 се пренесува претежно помеѓу луѓе во непосредна близина преку вдишување. Ова не значи дека нема пренос преку контакт со површините или дека не се случува при воздушна рута со подолга дистанца, но овие патишта на пренос се помалку важни за време на кратките секојдневни интеракции преку вообичаеното разговорно растојание од еден метар. Преносот на Sars-CoV-2 по допирање на површини сега се смета за релативно минимален.”