Како најава за петтото издание на фестивалот на краток филм Drim Short 2021, организаторите објавија повик за учество на работилница за изработка на краток филм и обука на тема „Соочување со минатото“.
Таа ќе се одржи од 23 мај до 1 јуни во Струга. Максималниот број на учесници на работилницата е 10 млади луѓе, со претходно (формално или неформално) искуство од областа на филмот.
На работилницата и десетдневната обука, учесниците ќе имаат можност да се запознаат со основите на филмот, или поконкретно со целиот процес на продукција на краток филм, од почетна идеја, преку сценарио, па до режија, камера, звук и монтажа.
Исто така, учесниците на работилницата ќе имаат можност да се запознаат со темата „Соочување со минатото“ и како директните сведоштва за комплексното минато низ кое поминале нашите сограѓани, денес може да претставуваат зачетна идеја за кратки филмови, кои директно ќе помогнат во соочување и надминување на злите духови од минатото.
„На крај од десетдневната работилница, од сите предложени идеи, во заедничка согласност со сите учесници, ќе биде избрана една идеја, која во текот на наредниот период под наше менторство ќе биде развиена во кратко сценарио. Како краен резултат од работилницата, предвидено е да се сними краток филм, во чија продукција ќе бидат вклучени сите 10 учесници во обуката, секој во различен филмски сектор, во зависност од неговите афинитети и познавања“, стои во најавата за работилницата.
За учество на работилницата, потребно е да се пополни формуларот на следниот ЛИНК најдоцна до 5 мај.
Работилницата e поддржана од Forum Ziviler Friedensdienst – Macedonia Program.