Од следната недела, 19 април, учениците од повисоките одделенија од основните училишта и средношколците во Србија се враќаат на настава со физичко присуство, соопштија од Владата на Република Србија.
По седницата на српскиот кризен штаб за борба против коронавирусот експертите објаснија дека учениците ќе следат настава според моделот од 1-ви септември, во смени, со помалку ученици во одделение и со задолжително носење маски. Досега овие ученици наставата ја следеа преку интернет.
Оваа одлука доаѓа откако кризниот штаб соопшти дека епидемиолошката состојба во земјата излегла од вонредна ситуација поради тоа што во моментов се намалуваат хоспитализациите на пациенти со Ковид-19.
Меѓу останатите мерки кои ги донесе српскиот кризен штаб е и изедначување на цената на ПЦР – тестовите за српските и за странските државјани, како поддршка на туризмот во земјата. Истовремено експертите дадоа дозвола да почнат подготовки за организација на Белградскиот маратон, додека другите мерки во земјата остануваат на сила.
Србија во моментов има 73.218 активни случаи на заболени со вирусот. Од почетокот на пандемијата во земјата се регистрирани нешто под 655 илјади позитивни случаи на Ковид-19 и 5.881 починати од вирусот.