Плановите вклучуваат постепено зголемување на легалната возраст за консумирање цигари, која може да прерасне во забрана за продажба на цигари и тутунски производи на лица родени по 2004 година, со што пушењето ќе стане нелегално за одредени генерации, пренесува „Гардијан“.
Се предвидува и значајно намалување на дозволеното количество на никотин дозволено во тутунските производи, забрана за филтри, поставување на максимална цена на тутунот и контрола на локалите кои може да продаваат тутун и цигари.
„Потребен е поинаков пристап, над 4.500 граѓани починуваат поради пушење, па треба да се направи посуштинско помрднување. Бизнисменскиот пристап без програма за контрола на тутунот не дава резултати“, изјавила заменик министерката за здравство Ајша Верал.
Новите предлог мерки добиле позитивни критики од јавните здравствени организации.
„Оваа програма им помага на луѓето да ја отфрлат навиката“, изјавила Луси Елвуд, шефицата на организацијата за лица заболени од рак. Таа додала дека бројот на снабдувачите со тутун е четири пати повисок кај сиромашните заедници, каде пушењето цигари како навика е најраспространето.
„Овие очигледни нееднаквости се причини поради кои мораме да ги заштитиме идните генерации од штетноста на тутунот“, додала Елвуд.
Во Нов Зеланд, пушењето како навика е најраширено кај Маори заедницата, од каде истакнале дека новите предлог мерки ќе го започнат уништувањето на тутунските продукти во државата.
„Веќе многу долго време, тутунската индустрија поттикнува зависност во нашата заедница, ги двои нашите луѓе од нивните заработки и ги одвлекува во гробовите ширум земјава. Ја поздравувам оваа одлука која ќе донесе залез на тутунската индустрија во сите делови од земјата“, изјавила претставничка на Маори заедницата.
Според Ел Шадан Таутоло, професор по јавно здравје на државниот универзитет во Окланд, планот е пресвртна точка, која доколку вклучи доволно ресурси и вистински луѓе, ќе стигне до заедниците кои располагаат со најмалку ресурси и права.
Но предлог мерките наишле и на негативни критики според кои можен е банкрот на сопствениците на мали дуќани, но и создавање на црн пазар за тутун.
Потегот исто така поткренал прашања за тоа до која граница властите може да се мешаат во животот на луѓето.
„Постои философски принцип според кој возрасните можат да прават свои одлуки кои се надвор од разумот“, истакнал новинарот Алекс Брае во анализа за медиумот „Спиноф“.
Поради пушење цигари умира едно, од четири лица во Нов Зеланд, а пушењето е секојдневна навика на половина милион жители. Ефектите од пушењето се највидливи кај Маори заедницата, во чии рамки жените се најголемите консументи на тутун.