Израелците вчера за првпат излегоа на улиците без маски на лице по една година, како дел од натамошните олеснувања на безбедносните ограничувања поради Ковид-19, пренесува Еуроњуз.
Владата го олесни правилото за носење маски на отворено, како одговор на успешната масовна вакцинација, при која 5,34 милиони луѓе досега ја примиле првата вакцина.
Сè на сè, 61,7 проценти од израелските 9,3 милиони граѓани засега ја примиле првата доза на вакцина, а 57,4 проценти се целосно имунизирани.
Неодамна регистрираните случаи на Ковид-19 и смртните случаи во Израел продолжуваат да опаѓаат, со само 14 нови инфекции и без смртни случаи на 17 април.
Земјата, исто така, целосно ги отвори сите училишта и универзитети. За дел од граѓаните, неносењето маски во јавност е во исто време чудно и убаво чувство.
Од почетокот на пандемијата Израел забележа над 836 000 случаи на коронавирус и над 6000 смртни случаи. Како и многу други земји, доживеа втор бран во јануари 2021 година.
И покрај успехот со вакцинацијата во поголемиот дел од Израел, во Западен брег и Газа бавно се одвива процесот, со тоа што земјата доби критики дека не споделува повеќе од своите залихи.