Град Скопје денеска објави повици за доделување субвенции за купување велосипеди и електрични тротинети во 2021 година, на кои аплицирањето ќе биде онлајн.
Како што посочуваат оттаму, граѓаните ќе можат да доставуваат фискални сметки за купен велосипед или електричен тротинет од 1 јануари 2021 година.
„Средствата што Градот Скопје ќе ги субвенционира се во износ од 50% од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари по лице, и 30% од вредноста на електричниот тротинет, но не повеќе од 7.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход. Повикот ќе биде отворен до исцрпување на средствата, а ќе се спроведува по принципот ‘прв дојден – прв услужен’“, стои во соопштението на Град Скопје.
Право на учество на овие повици имаат жителите на Град Скопје (во општините Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Сарај, Центар, Чаир и Шуто Оризари), кои ќе купат нов велосипед или електричен тротинет во Република Северна Македонија од 01.01.2021 година се до исцрпувањето на буџетот наменет за јавните повици, објаснуваат од Град Скопје.
„Во Буџетот на Град Скопје за 2021 година за субвенции за велосипеди и за електрични тротинети се предвидени 10 милиони денари од кои 8,5 милиони денари за велосипеди, а 1,5 милиони денари за електрични тротинети. Согласно со предвидените финансиски средства, Градот годинава ќе додели субвенции за околу 2.800 велосипеди и околу 215 електрични тротинети“, се додава во соопштението.
На двата повици за доделување субвенции за купување велосипеди и електрични тротинети, граѓаните можат да се пријавуваат електронски, преку веб-страниците на Град Скопје и Скопје лаб, или директно на линковите https://aplikacii.skopjelab.mk/velosipedi/ и
https://aplikacii.skopjelab.mk/trotineti/