Дојде денот за кој зборувавме изминативе неколку месеци – почетокот на овогодинешниот Сигет Фестивал. Традиционално, тој се одржува на островот Обудаи и ова е негово 21 издание. На прв поглед се добива илузија дека фестивалот всушност трае веќе неколку денови, но тоа е само почетокот. Сепак, да почнеме по ред.
Младите од Македонија желни за забава сè повеќе и повеќе се запознаваат со Сигет и секоја година доаѓаат во поголем број. Автобусот кој тргна од Скопје беше полн и по цели 13 часа патување пристигнавме во Будимпешта. Повеќето се симнаа на островот (со карта за минимум два фестивалски дена, следува и влез на кампот), а останатите, меѓу кои и ние, се упатија во приватно сместување. Уште на самиот старт, мора да се пофали градот Будимпешта за посветеноста околу Сигет фестивалот. За сите оние кои се дел од фестивалот, постои можност да си купат Citypass, со која што целиот јавен превоз (за времетраењето на Сигет) е бесплатен, а со оваа алка следуваат и многу попусти за останати активности. Тоа навистина го олеснува пристигнувањето на самиот остров, а мора да нагласам дека повеќе од 5 минути не се чека на станица (без разлика дали станува збор за трамвај, Hév или автобус). Грубо кажано, каде и да се наоѓате во Будимпешта, не ви се потребни повеќе од 30-45 минути да пристигнете на фестивалот.
Во моментот кога ќе пристигнете пред главниот влез, мостот Ка, подгответе се да влезете во, да го наречам, посебен град. На неколку места може да се разменат ваучерите (картите) за алки за фестивалот и иако редиците беа долги, тоа не се забележуваше бидејќи многу брзо оди целиот процес. Искуството е различно од македонските фестивали, каде што се случува, на пример еден или двајца да примаат карти и тие да пуштаат на самиот влез. Овде постојат цели тимови кои работат најбрзо што можат и поради тоа не чекате повеќе од 10 минути во ред. Интересно нешто кое мора да се напомене е тоа што, не само што е дозволено да се внесува храна и вода, туку и самите организатори ве поттикнуваат да го направите тоа. Се разбира, внесувањето на алкохолни пијалоци е забрането.
Откако ќе влезете, мора да ја извадите платежната картичка MetaPay, која е единствен начин за плаќање на островот. Овој систем на плаќање се применува веќе трета година по ред, а воедно, Сигет Фестивалот е и пионер во имплементацијата на систем од ваков вид. Не постои лимит за тоа колку пари може да ставите на неа и со оваа постапка автоматски се отстранува проблемот на носење монети, стоење во ред на каси итн. Порачуваш, плаќаш, добиваш. Повеќе од 1-2 минути не чекаш.
Да се осврнеме малку и на музичкиот дел. Освен Главната сцена која веќе беше поставена и функционираше, А38 и Арена сè уште беа во подготовка, но тоа не е толку страшно затоа што на тие сцени, првите два дена нема програма.
Но, затоа другите помали сцени беа во полн погон. На Унгарската сцена цело време свиреа изведувачи кои се дел од YourOpen програмата, од кои мора да ги издвојам Captain Capa, германски електро бенд кои звучеа како мешавина на The Prodigy, Enter Shikari и Jimmy Eat World. На жалост, не ни дозволиjа да го снимаме интервјуто, но успеавме да поразговараме со нив и дознавме дека моментално работат на нивниот трет албум, кој планираат да го издадат до крајот на годината. Додека пак, на Главната сцена имаше целодневен трибјут за Ласло Боди (ака Чипо), еден од најпознатите унгарски рок музичари и композитор кој почина пред четири месеци. Тука беше преполно и по изгледот, повеќето од посетителите беа Унгарци и буквално изгледаа како да се во транс од музиката која ја слушаа.
За крај на првиот ден, ќе издвојам уште две работи. Помалите сцени беа докрај исполнети и се свиреше музика од сите жанрови, при што секој ја имаше можноста да се забавува на својата омилена музика. Втората работа е тоа што храната е превкусна, цените се малку повисоки, но кога ќе се размисли дека се работи за фестивал во Будимпешта, може да се каже дека сепак се прифатливи. Оброците чинат од 4 до 10 евра што и не е толку страшно (скоро секаде низ Будимпешта, тие се цените за храна). Конкретно, имаше штандови за азиска, грчка, трансилваниска, индиска, италијанска, француска кујна, на кои што се готвеше и служеше во моментот.
Вториот ден или т.н. „о ден“ како што е наречен, решивме малку да го посветиме на Будимпешта со оглед на тоа дека поголемиот дел од програмата на Сигет беше исполнет со унгарски бендови. За жал, не успеавме градот да го искусиме во целост од две причини. Првата беше превисоката температура од 42 степени во центарот на градот, а втората е тоа што едноставно има премногу да се види, а премалку време имаме за тоа. Поради тоа се одлучивме на мала прошетка низ центарот.
Го видиме Плоштадот на хероите, кој е изграден за прославата на 1000-годишното постоење на Унгарија и потоа се упативме кон најголемата и најстара бања во Будимпешта, Сечениј, но не ни беше дозволено да влеземе поради преголемиот број на посетители. Најдовме идеално решение, се упативме кон островот Маргарет, кој е соседен остров на Обуда и има прекрасна бања и аква парк. Топла препорака до сите кои планираат да ја посетат Будимпешта, поминете цел ден во која и да е бања. Едноставно ќе се чувствувате преродени.
Повторно морам да го пофалам јавниот превоз и овој ден затоа што повеќе од пет минути не се чека за каде и да треба да одите. По бањата, се упативме повторно на Сигет, каде што како главни и најважни изведувачи беа два популарни унгарски бенда: Quimby (алтернативен бенд кој настапи на Главната сцена) и Muzsikas (фолк бенд кој настапи на World Music сцената). Публиката повторно одлично реагираше на нивната музика, а за тие на коишто не им се допаѓаа овие два бенда, имаше одлични забави насекаде. Ирскиот паб беше преполн и на оваа сцена настапија бендови кои свиреа традиционална ирска и келтска музика. Последното место на кое отидовме беше Реге сцената, која како и повеќето места беше исто така преполна и сите одлично се забавуваа со реге звуци, многу алкохол и ред други работи…
Од денес и официјално започнува музичкиот дел со големи имиња, па на нас останува да видиме уште колку може да се подобри веќе одличната атмосфера.
Од нашите специјални известувачи од Будимпешта,
Николај Митрески и Димитар Низамовски