Здрави млади луѓе кои имале Ковид-19 се бара да се пријават доброволно за истражување со кое намерно пак ќе бидат изложени на корона вирусот.
Експертите кои го работат истражувањето што почнува овој месец, сакаат да видат како имуниот систем се справува со вирусот при повторен контакт. Крајната цел на ова е да се дизајнираат подобри третмани и вакцини, објави БиБиСи.
До 64 лица на возраст од 18-30 години ќе поминат 17 дена во карантин во болнички апартман и ќе направат бројни тестови, вклучително и скенирање на белите дробови.
Тие ќе бидат повторно изложени на вирусот, првичниот вид од Вухан, Кина, во „безбедна и контролирана средина“, додека медицинскиот тим го следи нивното здравје.
Првата фаза од оваа студија, финансирана од фондацијата „Велком Траст“, ќе има цел да утврди која е најмалата доза вирус што може да зарази и да започне да се реплицира, но произведува малку или не дава симптоми.
Оваа доза потоа ќе се искористи за да се заразат учесниците во втората фаза од студијата, која се очекува да започне на лето.
Волонтерите кои ќе развијат симптоми ќе добијат третман со антитела за да им помогнат во борбата против инфекцијата.
Тие ќе бидат испуштени само кога повеќе не се заразни.
Главниот истражувач, професорката Хелен Мекшејн, од Универзитетот во Оксфорд вели дека овие истражувања покажуваат работи што другите студии не можат да ги направат.
„Кога ќе ги реинфицираме овие учесници, ќе знаеме точно како нивниот имунолошки систем реагирал на првата инфекција со Ковид, точно кога се јавува втората инфекција и точно колку вирус добиле.
Професорот Лоренс Јанг, од Универзитетот Ворвик пак изјави дека истражувањето значително ќе го подобри разбирањето за динамиката на инфекцијата и за имунолошкиот одговор, како и дека ќе обезбеди вредни информации што ќе помогнат во тековниот дизајн на вакцини и развојот на антивирусни терапии.