Од утре па до недела, 60-тина основци од неколку македонски основни училишта, на возраст од 12 до 14 години по седми пат ќе бидат во улога на жири комисија за избор на најдобар Европски филм за млада публика.
Поради актуелната ситуација, и оваа година целиот процес ќе се одвива онлајн на веб платформата на EFA Young Audience Award, а основците филмовите ќе можат да ги гледаат со превод на македонски јазик.
По проследувањето на филмовите, учесниците, како дел од европското жири, ќе го дадат својот глас за трите номинирани филмови: „Pinocchio“, „The crossing“ и „Wolfwalkers“, и ќе го изберат својот фаворит.
Во рамките на денот за оценување/гласање, основците ќе имаат можност директно да се запознаат со режисерите и актерите на филмовите, како и да разговараат и да ги споделат своите импресии со своите врсници – членови на жирито од 37 земји од Европа преку платформата International Chat Booth – Hello Europe.
По сумирањето на резултатите од сите 38 земји од Европа, во недела на 25. април во 19:00 часот, комплетно онлајн на веб страната на Young Audience Award (https://yaa.europeanfilmawards.eu) ќе се одржи церемонијата за доделување на наградата за најдобар филм од млада публика.