Илустратори и автори периодов здружија сили и создадоа детски книги чиј главен фокус е прифаќањето на различностите и поттикнување љубов преку литературата.
Ѓорѓи и Марија Десподов работеа на детската книга „Зиги“.
Посветена на сите осамени деца на планетата земја, „Зиги“ е приказна за секој кој сака да се потсети како е да се биде дете, секој oној кој барем еднаш во своето постоење се почувствувал неприфатен и отфрлен, вели нејзиниот илустратор Ѓорѓи Десподов.
„Во време и место каде што неприфатеноста е се повеќе присутна и е проследена со физичко и вербално насилство потребна е литература која што ќе стимулира љубов и гледање во себе како и прифаќање на својата единственост“, се вели во соопштението.
Електронската верзија од сликовницата е достапна на следниот ЛИНК.
На сликовницата „Насмевката на Дани“, пак, работеа Зорица и Христина Зафировска.
Главниот лик Дани има поинаков изглед и однесување од останатите врсници во средината во која живее за која се врзува заплетот на приказната. Во илустрираната сликовница ќе се открие дека сите деца и возрасни треба да истражуваат, откриваат, учат и можат да градат пријателства, а со нив заеднички интереси и цели.
Авторката Зорица Зафировска се надева дека оваа мала сликовница ќе има повеќе изданија кои нема само да придонесат за толерирање на понаквоста туку ќе не научи на заедништво, доверба, поддршка, разбирање, слушање, одговорност и посветеност во градење на топла средина каде различностите ќе можат да се развивааат и растат, а и сите со нив.
Нејзината цел е да ги приближи различноста и поинаквоста во средината во која живеат деца од повеќе возрасти, а воедно е обид да ги прифати разликите како секојдневни, во обид да промовира позитивен пристап, инклузивност и самодоверба кај сите.
Електронската верзија од сликовницата е достапна на следниот ЛИНК.
Издавањето на книгите е дел од проектот Млади ативисти за промена (МАП), кој е финансиски поддржан од Министерството за надворешни работи на Кралството Холандија.