46 приватни танцови центри вчера на протест пред Министерството за финансии побараа укинување на забраната за нивна работа и финансиски надомест за претпрените штети во изминатата година.
Од овој сектор велат дека поради новите рестриктивни мерки, со кој овие центри се затворени, танцот се наоѓа пред колапс и дека 6.000 деца се спречени во нивната омилена активност – танцувањето. Тие додаваат дека иако последните најави од Владата биле дека финансиски ќе се компензираат сите правни субјекти затворени изминатиов период, танцовите клубови ги нема на списокот на субјекти кои ќе добијат надомест на штетата.
„Работевме по протоколи кои ги почитувавме максимално, без притоа да имаме ниту едно заразено дете и ниту еден кластер помеѓу нас. И покрај тоа, ние повторно сме затворени и без ниту една причина немаме одобрение за работа. Да имаш 0 заболени деца и да те затворат и да те остават на питачки стап е нерезонски и во најмала рака ненормално. Затоа, ние претставниците на 46-те балетски-танцови групи, кои имаат над 6.000 деца, во името на децата, за тие да останат физички и психолошки здрави, бараме од вас да ни дозволите да работиме, а откако ќе почнеме да работиме да ни дадете неповратна финансиска помош, затоа што овие година и повеќе е неиздржливо ова што се случува. Не можеме ниту кирија да платиме, ниту вработените да ги платиме“, изјави на протестот Трајче Петковски, претставник на танцовите центри.
Тие, меѓу другото, на протестот побараа одговорност и образложение од Владата за причините поради кои нивните центри се затвораат.