Со обука на 22 универзитетски професори и 22 наставници од основните училишта, започна планот за обучување на наставниците за принципите на новата Концепција за основно образование и начинот на примена на новите наставни програми за прво и четврто одделение, информира Министерството за образование и наука (МОН).
Како што посочуваат од МОН, тие ќе треба да стекнат компетенции на обучувачи и потоа нивните искуства да ги пренесат на околу 3.000 други наставници во следните два модули кои ќе се спроведат во јуни и август.
„Наставниците кои треба да бидат обучувачи на наставниот кадар во прво и во четврто одделение се веќе со расчистени дилеми за голем дел од работите на кој начин да се спроведуваат и што е она што треба да биде придобивка од оваа концепција. Следува периодот во кој тие самите ќе треба да изготват тренинзи и да ги спроведат во мај, како и од 15 јуни до 15 јули, а третиот модул на обука ќе биде последен и ќе биде баш пред стартот на учебната година“, изјави на денешната прес-конференција, министерката за образование и наука Мила Царовска,
Царовска истовремено посочи дека целта на обуката на наставниот кадар е наставниците да влезат во училница што поспремни, како и да ги реализираат наставните програми за прво и четврто одделение како што е предвидено.
Во меѓувреме, таа нагласи и дека новата концепција предизвикала промени во Законот за наставници и стручни соработници, со законското решение кое е во собраниска процедура.
„За прв пат се утврдува кариерниот развој кој од 2006 година бил ветуван, но за прв пат оваа година се случува. Имаме повеќе од 240 наставници коишто многу скоро ќе станат ментори и до крајот на месец април треба да се објави и вториот повик за ментори. Но, во законското решение сега за прв се позиционираат и повеќе ментори во едно училиште, како и се утврдува дека вработувањето на наставникот е на неопределено време, а со тоа се спречува понатамошна злоупотреба на наставниот кадар која со години се правеше“, рече Царовска.
Од следната учебна година учениците од прво и четврто одделение ќе учат по новата образовна концепција, која предизвика реакции од повеќе институти и студентски организации.