На почетокот на Европската недела на имунизација, која оваа година се одбележува под мотото „Вакцините нè доближуваат“, Министерството за здравство и канцелариите на Светската здравствена организација (СЗО) и Фондот за децата на Обединетите Нации (УНИЦЕФ) во Северна Македонија истакнуваат дека вакцинацијата е јавно добро со кое му се помага на општеството, се заштитува здравјето на населението и се спасуваат човечки животи.
Преку овогодинешното одбележување на Европската недела на имунизација во земјава, Министерството за здравство и партнерите велат дека сакаат да ја подигнат свеста за вредноста на имунизацијата, нагласувајќи ја важноста на континуитетот на рутинската имунизација и на потребата од стекнување на довербата од јавноста во безбедноста и ефикасноста на вакцините против КОВИД-19, меѓу другото и заради заштита на здравствените работници и ставање крај на пандемијата.
„Јавноздравствените и социјалните мерки помагаат да се забави ширењето на вирусот, но вакцинацијата против КОВИД-19 е алатката од витално значење за ставање крај на пандемијата и во тој контекст вложуваме максимални напори за да обезбедиме вакцини за целото население. За целото времетраење на епидемијата, вложуваме големи напори да го избалансираме одржувањето на есенцијалните имунизациски услуги за сите возрасти, од една страна, со искористувањето на сите расположливи стручни потенцијали, ресурси и веќе докажани капацитети на државата за спроведување вакцинација за подготовка и за самата реализација на вакцинацијата против КОВИД-19 на безбеден начин. Напорите на планот на имунизацијата опфатија и партнерска соработка со
УНИЦЕФ и СЗО во областите на изготвување на национален план за вакцинација за КОВИД-19 и надминување на предизвиците во врска со обезбедувањето вакцини и нивно чување и друга логистика, благодарение на што се создадоа функционален ланец на снабдување со вакцини и обучени здравствени работници и вакцинатори во државата”, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.
Имунизацијата е водечка иницијатива на Програмата за работа на Kанцеларијата на СЗО за Европа за периодот 2020–2025 година насловена „Обединета акција за подобро здравје во Европа”, објаснува Жихан Тавила, претставничка на СЗО во земјава.
„Како еден од најдокажаните економични начини за заштита на здравјето, имунизацијата е корисна за сите, насекаде во светот. Вакцините се колективно јавно добро, така што за сите луѓе треба да се обезбеди правичност во поглед на нивниот пристап до и користа од вакцините. Доколку се случи да биде запоставена рутинската имунизација заради состојбата со КОВИД-19, последиците ќе се чувствуваат уште долго откако ќе заврши пандемијата. Благодарение на години и години напорна работа во насока на обезбедување сите луѓе да бидат заштитени преку вакцинација, сè поблиску сме до елиминирање на неколку болести како што се на пример малите сипаници, но за да се заштити ваквиот напредок по секоја цена мора да се одржува висок опфат со имунизација преку рутинска вакцинација. Среде пандемијата на КОВИД-19, вакцинацијата претставува критично важна интервенција за ставање крај на пандемијата по што конечно ќе можеме да бидеме поблиску едни до други”, додава Тавила.
Според Патриција Ди Џовани, претставничката на УНИЦЕФ во земјава, КОВИД-19 наруши голем број услуги, но она што радува е фактот што интересот за рутинска имунизација на децата и нејзиното спроведување не се намалил.
„После цела една година на затварања, празни училници и откажани собирања на семејствата, луѓето низ целиот свет почнуваат да добиваат вакцина против КОВИД-19 или се во очекување на тој момент. Сите знаеме дека вакцините против КОВИД-19 се најголемата надеж што ја имаме дека ќе ни се врати нормалниот живот и дека повторно ќе можеме да бидеме блиску едни до
други. Тие се исто така важен потсетник за критично важната улога што ја имаат другите вакцини, вклучувајќи ги и рутинските вакцини за децата, кои ни го овозможуваат нашето секојдневно функционирање”, изјави Ди Џовани.
Овие организации потенцираат и дека погрешните информации и дезинформациите може да предизвикаат колебливост во поглед на вакцините и на тој начин да претставуваат пречка на патот кон посакуваниот делотворен вакцинален одговор на пандемијата.
„Во борбата против КОВИД-19, партнерите исто така повикуваат на поголема ангажираност во насока на обезбедување пристап за граѓаните до информации и совети од веродостојни извори. Отворените и објективните комуникации им помагаат на луѓето да донесат издржани одлуки, засновани на нивна добра информираност, како и да ја разберат важноста на вакцинацијата како најделотворен начин – заедно со мерките како идентификување на контактите на заразените, одржување физичка дистанца, носење маска и миење раце – за ставање крај на пандемијата“, се додава во нивното заедничко соопштение.
Од неодамна и во Северна Македонија постои HealthBuddy+, он-лајн интерактивна дигитална алатка на македонски и албански јазик која нуди ажурирани информации, засновани на докази и прилагодени на целната група, за КОВИД-19 и за вакцинацијата против ова заболување.
Повеќе детали за кампањата можете да најдете на фејсбук страниците на СЗО и УНИЦЕФ, како и на интернет страницата на СЗО.