Институт за екологија на Универзитетот во Тарту, Естонија и Наука за деца од Македонија соопштуваат дека оваа пролет секој може да учествува во најголемото научно набљудување на пролетни јаглики во Европа и да придонесе кон развојот на науката.
Целта на оваа научна кампања е да се соберат што е можно повеќе податоци за пролетната јаглика (Primula veris). Учесниците може да ги внесуваат нивните набљудувања преку страна која е достапна на макдонски јазик. Во јужна, централна и западна Европа веќе се набљудувани повеќе од 26.000 цветови на јаглики, а оваа бројка расте секојдневно.
„Набљудувањето е лесна задача: излезете во природа, најдете ги специфичните жолти цветови на пролетната јаглика (Primula veris), погледнете во цветовите и пратете ги резултатите од вашето откритие заедно со фотографии на страната“, велат координаторите на кампањата.
Кога ќе заврши цветниот период, научниците и експерти од цела Европа кои учестуваат во камапањата, ќе ги анализираат собраните податоци и ќе спремат извештај со нивните откритија.
Доктор Бојана Стојанова, еколог на Универзитетот Острава во Чешка и координатор на „Барање пролетни јаглики“ во Македонија, вели дека со доаѓањето на пролетта, пролетните јаглики веќе цветаат низ јужна и централна Европа.
„Ова е најубавата годишна доба за да се излезе во природа, но и да се организираат разни забавни активности на отворено во согласност со мерките за заштита од Ковид. Набљудувањето јаглики им помага на луѓето подобро да ја запознаат својата околина, а во исто време да соберат информации кои им значат на научниците – сите имаат некаква придобивка од оваа активност“, вели Стојанова,
Како што објаснува таа, најголемиот дел од набљудувањата досега се од Обединетото Кралство, Чешка и Франција. „Годинава јагликите цветаат подолго затоа што оваа пролет времето е постудено, што значи дека се уште има можност било кој да се приклучи во проектот“.
Таа додава дека пролетните јаглики растат во ливади, на работ од шумите, покрај патиштата, на речните и езерските крајбрежја, и на планините.
„Посебно нè интересираат ‘природните’ или ‘диви’ популации на јаглики во ливадите и пасиштата, кои се високо загрозени животни средини. Но постојат и ‘полудиви’ популации на јаглики во урбани средини, на пример покрај патиштата, или мали зелени ливадести површини и градини во кои слободно растат диви растенија. Овие ‘диви градини’ се засолништа за јагликите и други ливадски растенија, и на некој начин се замена за големите ливадски пространства кои полека исчезнуваат“, додава Стојанова.
Во моментов кампањата е активна во Австрија, Белгија, Бугарија, Хрватска, Чешка, Данска, Естонија, Финска, Германија, Грција, Унгарија, Ирска, Италија, Латвија, Литванија, Луксембург, Холандија, Македонија, Норвешка, Полска, Португалија, Србија, Словачка, Словенија, Шведска, Швајцарија, Русија, Украина и Обединетото Кралство. Македонската кампања е поддржана од иницијативата Наука за деца (nzd.mk)