Европската Унија вели дека започнала правна битка против „АстраЗенека“ поради кршење на договорот за испорачување на вакцината против коронавирусот, пренесува „Еuronews“.
„Европската комисија минатиот петок започна судски спор против компанијата „АстраЗенека“ поради прекршување на договорот за снабдување“, изјавил портпаролот на Европската комисија.
„АстраЗенека“ договори снабдување со 180 милиони дози за ЕУ во вториот квартал на оваа година, но се соочи со бројни застои при испораката.
Европската Унија ја обвини компанијата за прекршување нa договорот за ветеното снабдување.
„Компанијата не успеа да смисли стратегија за да постигне навремено доставување на вакцините. Тоа што нас ни значи, во овој случај, е да бидеме сигурни во брзата испорака на доволен број на вакцини кои им следуваат на европските граѓани и кои беа ветени во договорот. Комисијата започна судски спор врз база на доцната испорака и врз база на ветувањата до 27 земји членки кои ја дадоа својата поддршка во оваа процедура“, истакнал портпаролот во продолжение.
Минатиот месец, претседателката на Европската комисија Урсула Вон Дер Лајен ја обвини „АстраЗенека“ поради ниското ниво на продукција и достава.
Тогаш, претседателката истакна дека ЕУ очекува да добие 70 милиони дози од вакцината од компанијата, многу помалку од очекуваното.
Европската Унија започна остро да ја критикува компанијата откако оттаму соопштија дека ќе го пропуштат рокот за достава на дозите во Европската Унија, притоа исполнувајќи ги роковите за снабдување на Велика Британија.
Токму таквата ситуација доведе до тоа ЕУ да започне со заканите дека ќе го блокира извозот на вакцините до одредени држави. Програмата за вакцинација во ЕУ каскаше зад САД и Велика Британија.
Англиско-шведската фармацевтска компанија го исполни рокот само за половина од вакцините кои биле договорени за првата третина од годината.
Во своето соопштение, компанијата „АстраЗенека“ истакна дека навистина жали за таквата одлука на ЕУ.
„По една непредвидлива година за научни достигнувања, многу отежнати преговори и пречки во производството, нашата компанија ќе испорача скоро 50 милиони дози од вакцината до европските држави до крајот на месец април, што се совпаѓа со нашите предвидувања. „АстраЗенека“ строго се придржуваше до договорот за откуп воспоставен со ЕУ и остро ќе се брани на суд. Ние веруваме дека правната постапка не е издржана и сме среќни за можноста да го решиме овој спор што е можно побрзо“, истакнале од компанијата.
Најновиот потег од ЕУ доаѓа во време кога случаи на згрутчувања на крв се поврзуваат со вакцината на „АстраЗенека“, а голем број на држави го забранија вакцинирањето токму со оваа вакцина.