Сојузот на синдикати на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје е незадоволен од владиниот предлог за колективен договор за високо образование.
Оттаму реагираат дека најавеното покачување на платите предвидено во Колективниот договор помеѓу Владата и СОНК реално не го вреднува трудот на вработените во високото образование и нема да придонесе за подобрување на материјалниот статус во високото образование.
„СОНК во суштина не е мнозински синдикат на вработените во високото образование. Својата правна репрезентативност СОНК ја оправдува со своето членство од основното и средното образование. Значителен број на одредби од Колективниот договор не се во согласност со Законот за високото образование и со високообразовната и научноистражувачката дејност. Најавеното покачување на платите предвидено во Колективниот договор помеѓу Владата и СОНК реално не го вреднува трудот на вработените во високото образование и ни оддалеку нема да придонесе за подобрување на материјалниот статус во високото образование. Платите во високото образование со години останаа непроменети, додека платите во другите дејности, како и минималната и просечната плата во Република Северна Македонија, постојано се покачуваа. Стандардот на вработените во високото образование драматично се намали, а платите во овој сектор се убедливо најниски во Европа“, стои во реакцијата на синдикатот.
Според нив, најавеното минимално покачување апсолутно нема да придонесе за запирање на падот на стандардот на вработените во високото образование, кој, како што велат, се случува во подолг временски период. Поради тоа, бараат поголемо покачување на платите на вработените во високото образование.
„Со овој Колективен договор вработените на најстариот и најголемиот Универзитет во државата остануваат и понатаму дискриминирани во однос на платите на вработените на другите државни универзитети. Коефициентите за плата на наставниот и ненаставниот кадар во другите дејности од јавен интерес се повисоки од коефициентите за плата предвидени во овој Колективен договор. Коефициентите за плата на ненаставниот кадар се далеку пониски од коефициентите во државната администрација. Досега склучените колективни договори во Република С. Македонија се со многу поповолни услови отколку овој Колективен договор“, се вели во реакцијата на ово сојуз.
Тие го повикуваат Собранието на Република Северна Македонија, како основач на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”, што побргу да донесе одлука и да ја овласти Владата да потпише Колективен договор на ниво на работодавач – УКИМ, кој како што посочуваат, реално ќе ги изразува барањата и интересите на вработените на Универзитетот.
Само на тој начин, сметаат од Сојузот, науката повторно ќе го врати своето достоинствено место во општеството, а вработените во високообразовните институции ќе можат непречено да ја вршат својата образовна и научноистражувачка работа.
Од Владата, пак, минатата недела најавија дека со овој Колективен договор, за прв пат по 30 години, ќе се уредува системот на плати во високото образование и се спречуваат неизвесностите на кои со години беа изложени научниот, наставниот и ненаставниот кадар во високото образование. Дополнително, од Владата посочија дека колективниот договор за прв пат ја уредува и основната бруто плата со коефициент на сложеност на работното место во високото образование.