Ниту ќе има тешка индустрија, а уште помалку топилница во Гази Баба, тврди градоначалникот Георгиевски

Градоначалникот на Гази Баба, Борис Георгиевски се огласи по Фејсбук по реакцијата на „02 Иницијатива“ за планираните активности со трите урбанистички проекти во делот на Старо Скопје, тврдејќи дека во оваа општина: „на посочените парцели нити се планира, ниту ќе има тешка индустрија, а уште помалку топилница“.

Тој пишува дека секоја критика и предлог за неговата или работата на општината ги прифати, бидејќи, вели тој, личност која извршува јавна функција е неопходно да биде под лупа на граѓаните и граѓанскиот сектор, а секоја потенцијална грешка и сугестија е важно да се предочат со цел постојано да се работи и подобро и поодговорно.

„Но, првенствено како личност, не можам да дозволам да се изнесуваат тешки невистини кои предизвикуваат паника кај моите сограѓани. Исто така, како градоначалник на мојата општина и како жител на градот Скопје сум должен да ги заштитам моите сограѓани од лажни информации со чие ширење несомнено ќе се предизвика недоверба и огромна штета која не е од интерес на ниеден добронамерник“, се вели во објавата на Георгиевски.

Борбата за заштита на животната средина која ја води граѓанскиот сектор, вклучително и O2 Иницијатива ја почитувам и…

Posted by Борис Георгиевски on Tuesday, April 27, 2021

Градоначалникот вели дека меѓу стотиците илјади граѓани, и тој и неговото семејство живеат во овој град и општина.

„Ова е само уште еден факт со кој јасно се потврдува дека ниту имам намера, нити, пак, некогаш на памет ќе ми падне да направам чекор со кој би дозволил загадување и опасност по здравјето на било кој човек. Мојата желба е Гази Баба да биде зелена и чиста општина и на тоа со целиот тим работиме сите овие години. Еднакво како секој друг еко активист или добронамерен граѓанин, посакувам и работам во нашата општина да имаме уредени зелени паркови, за да не мора граѓаните од Гази Баба да одат во парковите низ други општини“, пишува Георгиевски

Исто така, дополнува и дека стои на располагање на О2 иницијатива и сите други граѓански организации за да ги разјаснат сите еколошки прашања.

Инаку, „О2 Иницијатива“ вчера регираше за трите урбанистички проекти (123) вон опфат за урбанистички план за уредување на земјиште со намена Е 3.1 – постројки за термички, физичко – хемиски и хемиски третман на неопасен отпад на дел од КП 11589/1, на дел од КП 11589/1, КП 11683 и КП 11684 и на дел од КП 11730/1 КО Старо Скопје во општина Гази Баба.

Моментално до 30 април трае рокот за доставување забелешки за нацрт извештаите за Стратегиска оценка за влијанието на животната средина (СОЖС) за овие три урбанистички проекти, а „02 Иницијатива“, меѓу другото, реагираа дека во документите бегло се спомнуваат можни технологии за преработка на цинкова филтер прашина и згура.

„Што покрај другите наводи на носење на суровините од индустрискиот комплекс Железара, укажува дека на локацијата ќе се преработува отпад од Макстил. Досега цинковата филтер прашина се извезуваше за преработка во странство, а очигледно се планира третманот на филтер прашината да се врши во непосредна близина на Макстил. Не се објаснети влијанијата врз животната средина од третманот на цинкова прашина“, забележаа „02“.

Според еко-активистите, под класата Е3.1 се сокрива фактот дека на локацијата се планира тешка и загадувачка индустрија, што според нив ќе ја прошири областа под загадувачка индустрија во општина Гази Баба и град Скопје.

„02 Иницијатива“ реагираше и дека градоначалникот Георгиевски сакал да ги донесе урбанистичките проекти без спроведување на СОЖС и носи таква Одлука, но Министерството за животна средина го задолжува да спроведе СОЖС.

Радио МОФ вчера, како и пред некоја недела кога беше прекината јавната расправа, се обиде да стапи во контакт со општината, но досега на добивме конкретен одговор за тоа што точно се планира за земјиштето во Старо Скопје што е вон опфат на урбанистичкиот план. Исто така, дали ќе има јавна расправа за ова и за прашањето за ДУП-овите за блок 2,3 и 4 од С 17, и дали согласно условите од пандемијата ќе биде продолжен рокот за давање забелешки.

Б.Ш.