Од 6-ти до 8-ми мај во МКЦ-Скопје ќе се одржи деветтото издание на фестивалот на свежа домашна музика – „Земјотрес“.
На програмата која секој ден ќе започнува од 19 часот се настапи на: Дина Јашари, „Перија“, „3ject“, „The Local Blue“, „Александар Велики“ и „Кантон6“.
„Баш мислевме што да направиме. Мора нешто да се направи, почна да нѐ боли газот од седење. Помисливме, ајде да испровоцираме серија микропотреси, онакви мали земјотреси што удираат секои два-три месеци, колку да нѐ потсетат дека сме живи. Да потврдиме дека сме живи, а? Да се сетиме дека сме музика. Серија мали, маааали, малецки концерти по два на ден во три дена. Три дена ЗЕМЈОТРЕС. Мал, мини, сладок, земјотрес. Колку да не му се тресеме на стравот и да ѝ се насмееме на опсадата
директно во глупавото лице. Ние, децата на Скопје, го паметиме и она што било пред да се родиме. Паметиме како изгледа кога најубавата младина на оваа земја ќе проструи низ коридорите на наше МКЦ. Земјотрес е масивен музички и социјален удар, кој го слави животот со двојно повеќе живи од човечката загуба во 1963. Прослава на живата култура и младешка енергија, која му пркоси на концептот на деструкција. Оваа година ќе пркосиме скромно, но решително. Земјотрес мини. Земјотрес #9“, напишаа организаторите на фестивалот во најавата.
Настанот ќе биде организиран согласно протоколите за организирање настани во затворен простор. Бројот на посетители е намален (70 седишта), носењето маски е задолжително за време на целиот настан. Фестивалот е поддржан од Град Скопје.
Билетите по цена од 200 денари се достапни на билетарница во МКЦ и online преку bileti.mkc.mk.