Независното радио „Канал 103“, кое на 1 мај одбележува 30 години постоење, својот роденден ќе го помине со гласен молк. Редакцијата на 24 часа ќе го исклучи радио-стримингот, како протест за да се врати ФМ фреквенцијата на ова култно радио.
Со своето раѓање во 1991 година, Стотројка е постара од државата, со безвременски статус на „искра светлина од мрачните лавиринти на МРТ“. Стотројка стана и феномен без преседан на овие простори, знаејќи дека долги години разни ентузијасти, уметници, водители – работат без никаков финансиски надомест. Во изминатиов период во Стотројка никнаа и нови гласови, нови емисии, за да ја реобновуваат енергијата, но, сепак, радиото две години работи единствено онлајн, остана без фреквенцијата и покрај ветувањата од МРТ и Владата.
Оттука, контактиравме со повеќе личности да ги прашаме: Зошто е важна Стотројка и дали треба да се врати фреквенцијата?
Ова се нивните одговори:
Ѕвездан Георгиевски, долгогодишен новинар и колумнист
„Стотројка“ беше и остана единствениот автентичен феномен на овдешната урбана култура. Родена во турбулентните времиња на распаѓањето на бившата држава, на осамостојувањето на државата и на раѓањето на плурализмот, таа беше одраз на еден речиси сизифовски напор на спротивставување на доминантниот мејнстрим примитивизам. Но, општеството, потонато во својот традиционално рурален вредносен систем, речиси биолошки се обидуваше да го отстрани овој канцер на урбаното од своето тело.
Во овие три децении, значи, постоеја повеќе обиди за нејзино гасење и физичко отстранување од радискиот етер, но тој никулец на урбаното секогаш успеваше да опстои и да ни даде трошка надеж дека има спас и за нас. Се надевам дека и овојпат ќе се покаже истата жилавост, дека ќе си остане да зрачи таму каде што беше за генерациите што се формираат и форматираат, но и за нас што опстанувавме слушајќи ја. И затоа што само тоа е космичка правда што ја одржува рамнотежата на духот.
Димитар Тодороски – Дими, „Млади за Скопје“
Стотројка беше прозорец на средношолците и младите студенти каде може да се информираат и да дојдат поблиску до алтернативната култура. Да не беше Стотројка, многу настани не би се оствариле, бидејќи тоа беше главниот гласник кој ја движеше алтернативната и авангадната публика. Со прекинувањето на ФМ фреквенцијата на Стотројка се даде силен удар на културните аспирации на целата стотројкашка публика и секна еден голем културен извор, без кој градот како да не е град. Стотројка е огромен симбол на Скопје, кој мора да постои. Се надевам дека побрзо ќе се реши проблемот и радиото ќе стане национално, ќе можат и другите градови да се информираат за културните настани, кој никој друг не ги ценел како Стотројка.
Младински културен центар (МKЦ)
Младинскиот културен центар секогаш ги поддржува/л активностите на Стотројка и отсекогаш сме сметаке дека 103ка зрачела светлина и нормалност во скопскиот етер. Силно ја поддржуваме инивијативата 103ка да се врати на ФМ скалата, и сметаме дека иако е 2021 година и многу од активностите во секојдневното живеење се случуваат онлајн/дигитално/виртуелно, фреквенцијата која ја заслужува радиото МОРА да биде вратена и 103ка мора да зрачи во етер. Им ја честитаме 30-годишнината и се надеваме дека новата генерација стотројкаши ќе блесне!
Билјана Димитрова, „Партизанска штампа“
Многу е важно да се врати Стотројка на радио, заради тоа што ние во работилница додека печатиме – слушаме радио како сите занаетчии и мајстори, бидејќи немаме интернет. Така да, ептен ни фали програмата на Стротројка и во утринските, попладневните и вечерните часови. Затоа, се надеваме дека ќе дадеме придонес што побрзо да ја слушаме Стотројка на радио, за да бидеме задоволни и исполнети додека работиме. Односно, работата на секој мајстор подобро му врви со добро музиче!
Милчо Манчевски, режисер
Стотројка не е само музика – таа е цивилизациски маркер на она што Македонија можеше да биде, а не стана. Стотројка е дел од културното наследство на Македонија и треба да опстане поради убавите мигови што ги нуди и поради скапоцености културно влијание.
Игор Анѓелков, „Или-Или“, културен и филмски критичар
Честит јубилеј 30 години! Сметам дека враќањето на фреквенцијата на ФМ скалата е само дел од решението. Секако дека тоа е првиот насушен чекор, меѓутоа сметам дека во Стотројка треба додатно да се вложи (што ако се врати фреквенцијата кога техничките услови се застарени, да не речам мизерни!?), а потоа да се мисли и на квалитетно екипирање со соодветно уредништво (без удирање в гради и работа на стара слава), за збогатување на програмската понуда со нови дечки и девојки кои имаат што да кажат и кои ќе бидат новиот импулс во етерот.
Со таква стратегија, истиот експресно може да биде освоен, со оглед на тоа што во моментов не нуди ништо на ФМ скалата, а младите генерации се препуштени сами на себе. Сето останато е само конструктивен романтизам кон некои дамнешни времиња.
Тина Иванова, в.д. директорка на Филхармонија, бивша стротројкашка
За мене Стотројка беше живот. Без ова, сега веќе култно радио, јас не можев да го замислам денот и ноќта. Особено кога почна да работи, уште во 1991-та, и неколкуте години потоа, зборувам, пред сè, за мојата генерација, за ние кои растевме и го развивавме музичкиот и воопшто вкусот за уметноста преку Стотројка, ја слушавме нон-стоп, дење, ноќе. Само за Стотројка зборувавме. Муабетите претежно ни беа, што слушавме и што ќе слушаме, каде да го набавиме тој и тој албум, која песна се нашла на прво, а која на последното место. Бевме заразени од радиото кое во времето кога се појави, а така е и денес, беше единственото алтернативно упориште, единствениот опозициски глас, единствениот културен бунтовник, беше радикално во своите ставови.
Правеше фантастични џинглови преку кои го искажуваше ставот за општествените прилики и неприлики, преку кои вршеше одличен импакт во јавноста. Беа тоа возбудливи времиња, за разлика од денешниве, кога се слушаше гласот на Стотројка и кога таа вршеше силно влијание врз младите. Канал 103 го промени мојот начин на размислување, ми го одреди правецот на професијата со која се бавам, како музички критичар и продуцент. Истово ова им го посакувам на новите генерации. Така да се чувствуваат заради Стотројка. Затоа, мора да постои, за да имаме надежна иднина.
Златко Ѓелески, емисија „Danse Macabre“
Стотројка е важна за одржување во живот на модерниот културен дух не само на главниот град, туку е синоним и за непокорот кој одекнува во целата држава и надвор од неа. Допира до младите кои се заинтересирани за изразување на себеси во сите алтернативни изблици на културата, во квалитативното градење на музичкиот вкус, разменувањето на искуства и наметнување на можноста за прифаќање на различностите, со заемна соработка за надминување на недостатоците, што сметам дека се квалитативи кон кои треба да се стреми секоја индивидуа, којашто размислува со своја глава. Стотројка ни помогнала на нас, водителите да ја добиеме можноста непречено да го споделиме нашиот светоглед и да воспоставиме дијалог со слушателот за теми и преокупации кои се актуелни и го допираат модерното живеење.
Фреквенцијата секако дека треба да се врати. Стотројка веќе 30 години си ја извршува својата должност како радиостаница, на високо професионално рамниште, поседува уникатни содржини, кои содржат квалитети по светски стандарди, со постојаните концерти, интервјуа и гостувања и врвен музички избор и огромна штета се нанесува врз домашниот медиумски простор, со тоа што се оневозможува нејзиното неработење. Непресушен извор на креативни сили претставува радиото и повеќе од потребно е враќањето на фреквенцијата, за да се внесе квалитет и збогати етерот.
Панде Ефтимов, млад музичар од бендот „The Local Blue“
Стотројка е одлично место за собирање на нови музички фаци во нашата држава. Ни фали некое место кое ќе биде алтернативно, кое ќе се собираат луѓе и ќе се креира уметност. Стротројка е искучително важна да постои, ем како фреквенција, ем како културно место за сите музичари. Од моето искуство таму, можам да заклучам – опуштена атмосфера, опуштени луѓе во алтернативно, несекојдневно радио.
Мариго Антов, емисија „Млада на Република Македонија“
103-ка е важна затоа што години наназад е единствениот медиум на кој се промовира алтернативната музика и култура. Освен промоцијата и поддршката на македонската музика, отсекогаш бил гласен медиум кој дозволувал слобода на говор, кој ослободувал простор на млади и стари и сите измеѓу кои ја имаат желбата да творат и да имаат удел во самото радио, дали тоа било при радио-емисија, или слично. Не за џабе сме 103 Слободни, затоа ни е потребна поддршка повеќе од било кога, да се издигнеме како медиумот што сме и што можеме да бидеме! Јасно и гласно, Млада на Република Македонија за 103!
Бојан Шашевски