На крајот на оваа работна недела, Радио МОФ во нова рубрика ви ги претставува ТОП 5 вестите за изминатата недела, од областа на образованието, културата, граѓанското општество, политиката, животната средина и слично.
Што ги одбележа изминатите седум дена, прочитајте во продолжение.
1. Инста(нт) вести на Радио МОФ
Радио МОФ започна со Инста(нт) вестите, нов краток формат кој иако е наменет за форматот на „Инстаграм“, ќе може да се проследи на сите социјални мрежи на Радио МОФ. Пратеници во скафандери, каснење на вакцини, неажурни училишта, новоизбрана универзитетска претседателка, Кензо Танге, #ДонирајКомпјутер, адреналинската вело-патека во Тето’о и еден опасен кроасан од Полска се само дел од вестите кои можете да ги проследите во неколку категории и тоа Инста(нт) Образование, Инста(нт) Култура, Активизам и ренесанса, како и Инста(нт) лабаво.
2. УКИМ на 1.944 место на листата на 2.000 најдобри универзитети во светот
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ e рангиран на 1.944 место на листата на 2.000 најдобри универзитети во светот за академската 2021/2022 година.
Листата која секоја година ги оценува академските перформанси на универзитетите ширум светот, ја објави Центарот за рангирање на светски универзитети, а годинава УКИМ бележи пад од 27 места, споредено со ланската академска година.
УКИМ е единствениот македонски универзитет на листата со 65,9 бодови од вкупно 100.
Универзитетите се оценувани според квалитетот на образованието што го нудат и бројот на истражувачки трудови кои произлегле од нив.
3. Гласно против молкот на фреквенцијата на Стотројка
Независното радио „Канал 103“, кое на 1 мај одбележува 30 години постоење, својот роденден го помина со гласен молк. Редакцијата на 24 часа го исклучи радио-стримингот, како протест за да се врати ФМ фреквенцијата на ова култно радио.
Со своето раѓање во 1991 година, Стотројка е постара од државата, со безвременски статус на „искра светлина од мрачните лавиринти на МРТ“. Стотројка стана и феномен без преседан на овие простори, знаејќи дека долги години разни ентузијасти, уметници, водители – работат без никаков финансиски надомест. Во изминатиов период во Стотројка никнаа и нови гласови, нови емисии, за да ја реобновуваат енергијата, но, сепак, радиото две години работи единствено онлајн, остана без фреквенцијата и покрај ветувањата од МРТ и Владата.
Оттука, контактиравме со повеќе личности да ги прашаме: Зошто е важна Стотројка и дали треба да се врати фреквенцијата? Прочитајте ги нивните одговори.
4. Владата утврди предлог-закон за признавање на родовиот идентитет на трансродовите лица
Владата на Северна Македонија на седница на предлог на Министерството за правда го утврди Предлог-законот за изменување на Законот за матична евиденција со кој ќе се овозможи признавање на родовиот идентитет на трансродовите лица согласно позитивното меѓународно законодавство и почитувањето на сите човекови права.
Покрај оваа одлука, од Владата соопштија и дека бил утврден и текстот на Предлог-законот за учебници и други наставни и дидактички материјали во основно и средно образование, кој доаѓа од потребата од воведување на целосно нов систем за изработка и одобрување на наставни средства и материјали како резултат на консултациите со засегнатата и стручната јавност, наставниците, учениците, но и со родителите/старателите околу квалитетот на учебниците.
5. „Сподели авторка“: иницијатива за поголема достапност на женско писмо во јавните библиотеки
Разговаравме со Сара Миленковска за иницијативата „Сподели авторка“, чија цел е поддржување на женското литературно творештво и достапноста до феминистичката литература во локалните библиотеки.
Иницијативата започнала со еден полупразен „Гугл“ документ и правење листа од наслови од книги и трудови, а била надополнувана од пријатели, од страствени читатели, но и професорки по македонски јазик. Подоцна, кон надополнување на листата се приклучиле и македонски авторки.
„Размислувајќи како да обезбедиме средства за купување на книгите, бидејќи сепак ова е иницијатива, а не некаков проект, Влора од „Стела“, се понуди да ја праша нејзината Алумни Мрежа за поддршка, и тие беа отворени за соработка. Потоа разгледавме кои од книгите кои се најдоа на заедничката листа, а се достапни и преведени“, вели Миленковска.
Според добиената финансиска поддршка, направени биле неколку пакети со наслови кои потоа биле донирани во различни градски библиотеки, со цел да се надополни нивниот фонд на книги, овојпат со дела од домашни и странски авторки.