Здружението „Еко Логик“ преку нивниот проект „Вело училишта“ во скопскиот Градски парк на 9 мај, Денот на Европа, организира трето традиционално „Вело родео“.
Настанот ќе се одржува кај Школка од 11 до 14 часот.
„Дојдете заедно да возиме велосипед, дружиме и забавуваме, едуцираме“, велат организаторите.
Тие посочуваат дека главен фокус на настанот е насочен кон препознатливиот вело полигон, а како дополнителни активности се издвојуваат едукативните игри креирани од „Еко Логик“, на теми поврзани со заштита и унапредување на животната средина, одржлив развој, велосипедизам.
„Креативните работилници водени од наши познати уметници исто така ќе бидат дел од овој настан, каде најмладите ќе можат неограничено да ја изразат својата имагинација и креативност. Да не заборавиме имаме и патувачка изложба со ликовни цртежи од ликовните конкурси објавени во 2019та и 2020та година. Ќе има за секого по нешто! Со голема радост Ве очекуваме заеднички да го дадеме нашиот мал придонес во подобрување на животната средина“, најавуваат од Здружението.
Настанот е поддржан од Делегацијата на Европска Унија во Скопје, Europe House и Град Скопје.
„Ние од тимот на ‘Еко Логик’, целосно сме посветени на координација и грижа околу активностите со децата, а во таа насока препорачуваме и апелираме секое дете да носи заштитна кацига. Доколку се случи несакано дејство при самите активности, одговорноста е на родител/старател. Се гледаме на Школка!“, се вели во соопштението за настанот.