Соединетите Американски Држави (САД) ќе поддржат предлог за суспендирање на правата на интелектуална сопственост на вакцините против коронавирусот, откако повеќе од 100 светски држави побараа привремено укинување на патентите за Ковид-19 вакцините.
Оваа одлука ја соопшти американската амбасадорка за трговија, Кетрин Таи, која потенцираше дека САД ќе учествува во преговорите во Светската здравствена организација (СЗО) на оваа тема, пренесува Дојче Веле.
„Ова е глобална здравствена криза и посебните околности од пандемијата со Ковид-19 бараат посебни мерки. Администрацијата цврсто верува во заштитата на интелектуалната сопственост, но со цел да се стави крај на оваа пандемија го поддржува укинувањето на овие заштити за вакцините против Ковид-19“, стои во изјавата на Таи.
Голем број земји бараат тргање на патентите, заштитата на индустрискиот дизајн, лиценците и доверливите информации поврзани со вакцините против Ковид-19. Тие бараат суспендирање на овие заштити неколку години со цел да се забрза производството на вакцините.
Идејата за укинување на овие права има особено висока поддршка меѓу земјите во развој додека тие се борат да обезбедат доволно дози за да го имунизираат своето население. Во меѓувреме побогатите држави се обвинети дека вакцините ги задржуваат доминантно за себе.
На ваквиот предлог генерално се спротивставуваат државите кои имаат развиени фармацевтски и биотехнолошки индустрии. Тие тврдат дека таква суспензија нема да осигура резултат за кој луѓето се надеваат, бидејќи производството на вакцини е комплексна процедура и нема да може едноставно да се забрза преку подигање на заштитите, што пак, тврдат, може да има последици на идни иновации.
Комитетот на СЗО за интелектуална сопственост треба да дебатира на оваа тема подоцна овој месец пред формалните разговори кои треба да се одржат на 8-ми и 9-ти јуни.