Здрава храна или пари на сметка – Предлог измени на Законот за субвенциониран студентски оброк

Предлог измените на Законот за субвенциониран студентски оброк ги поделија ставовите меѓу младите пратеници и студентите.

Пратеничката Моника Зајкова од ЛДП, која е дел од авторите на првичното законско решение, реагира дека државата не успеала досега да создаде систем за да ја спроведе идејата на Законот и дека со измените се отфрла нејзината суштина, а тоа е поттикнување на студентите да се хранат здраво. Пратеникот Дарко Каевски од СДСМ, пак, кој е иницијатор на измените, очекува Законот да биде применлив во услови на пандемија, а средствата месечно да „легнуваат“ на сметката на студентите и тие да одлучат како ќе ги потрошат, било во маркет или ресторан.

Законот за субвенциониран студентски оброк е инспириран од Словенија каде веќе со години се спроведува. Тој стапува на сила од 15-ти септември годинава откако едногласно беше изгласан во Собранието. За негова реализација беа издвоени 15 милиони евра, а опфаќа околу 40.000 студенти, кои на дневна основа треба да добиваат 120 денари за приготвен оброк.

Но, поради моменталната состојба со пандемијата се појави потреба од негово приспособување. Поради ова, Универзитетското студентско собрание на УКИМ одржа јавна дискусија на која беа повикани повеќе засегнати страни.

Предлогот на Каевски и СДММ е студентите да ги добиваат овие пари месечно на нивната сметка. Аргументот кој го даваат е потребата од брзо решение со кое максимално би била искористена мерката за да не пропаднат средствата додека трае кризата, а потоа би се вратило првобитното решение.

„Јас сметам дека 15 милиони евра треба да легнат на сметка на студентите и за мене тоа е главниот оптимум. А тоа дали треба здрав оброк да имаат, во првава година, во услови на пандемија ќе треба да оставиме на свесноста и одговорноста на секој еден студент. Потоа, да го вратиме (законот), да го модифицираме, да го направиме онака како што сме го замислувале. И пак, и кога ќе го направиме онака како што сме го замислувале, верувам дека ќе има одредени отстапки затоа што она што е на хартија не секогаш е спроведливо“, вели Каевски.

Тој додаде дека постои ризик да им пропаднат средствата на студентите додека се во своите градови каде нема универзитети бидејќи може да има слаб одзив од угостителите и немање места кои приготвуваат храна, за што студентите би морале да патуваат за да го искористат правото. Според сегашното законско решение, посочи тој, средствата пропаѓаат ако не се искористат истиот ден.

Нема систем што ќе одлучи дали студентот купил бургер или салата

Зајкова стравува дека мерката на крај ќе заврши како уште една финансиска поддршка на студентите, без контрола како таа ќе се исполнува.

„Се вративме на тоа дека не е заради условите, не е заради пандемијата, туку се прават суштински измени на законот и не е целта ниту суета, ниту ништо. Целта е да се воспостави систем кој ќе функционира како во европска земја која што ни е навистина блиска и може да ги црпиме примерите“, рече Зајкова, најавувајќи дека во Собрание ќе ги изнесат сите аргументи.

Каевски признава дека институциите немаат механизам да го спроведат законот ако од септември престане кризата со пандемијата.

„Тој систем на контрола во моментов го нема ни со првичното, ни со новото предложено решение за субвенциониран студентски оброк. Како ќе се најде и како ќе се преслика од Словенија во целост, затоа што во моментов тоа не е уредено. Нема системски механизам во моментов како да се уреди. Можеби ќе треба да се направи промена во Управата за јавни приходи, каде ќе се направи дополнителен систем којшто ќе може да ги согледува и да ги детектира тие сметки за оброкот. Но, во моментов не може да направи дистинкција помеѓу оброкот и секојдневните сметки во одредени угостителски објекти“, рече Каевски.

На ова дополнително се спротивстави Зајкова, која тврди дека постоечкото решение има некаква контрола.

„Точно е дека во делот со УЈП треба да се направи експертиза, но во предлог измените е апсолутно тргната“, забележа таа.

Зајкова се согласува да се вметне одредба во постоечкиот закон за во следната академска година се исплатат средствата директно на студентите, а за тоа време МОН да воспостави систем за да функционира законот без да се бришат деловите за надзорот и критериумите.

МОН планираат да го вметнат Законот за студентски оброк во Закон за младински стандард

И од Министерството за образование и наука велат дека пандемијата ги отежнала работите за спроведување на оваа мерка. Анастасија Трајковска, претставник на министерството истакна дека со предложените измени парите што студентите ќе ги добијат ќе може да ги искористат секаде за оброк.

Таа најави дека МОН работи на Законот за младински стандард во кој ќе се спојат законите за ученичкиот и студентскиот стандард, а планираат да го опфатат и првичното законско решени за субвенционираниот студентски оброк.

За време на дискусијата се начна и проблемот на странските студенти кои редовно следат настава на некоја од високообразовните институции во државата, но кои не се опфатени со постоечкиот Закон.

Од Универзитетското студентско собрание на УКИМ, пак, најавија дека својот став официјално ќе го соопштат во понеделник.

Е.П.