Обвинувања за директорот на НУЦК „Антон Панов“ дека ја злоупотребил функцијата

Иницијативата „Култура или фис-култура“ која се формираше поради незадоволство од поставувањето на поранешен професор по физичка култура за директор на институцијата НУЦК „Антон Панов“, денеска објави сомнежи и индиции дека во првите 30 дена од неговото директорување, тој ја прекршил законската постапка за промена на Систематизацијата на работните места.

Оттаму предочуваат на работното место раководител на маркетинг и односи со јавност, кое е систематизирано во септември 2020 година, а за кое место се предвидува лице кое завршило високо образование, правен или економски факултет,

„Не постои одлука на Управен одбор на институцијата, ниту пак одобрение од страна на Министерството за информатичко општество. Претпоставуваме дека директорот ја злоупотребил својата функција и на своја одговорност допишал дека покрај високо образование, таа работна позиција може да биде извршувана и од лице со средно образование, во случајов – гимназија“, стои во нивното соопштение.

Па така, од „Култура или фис-култура“ истакнуваат дека директорот на 26 февруари распоредил работник од местото соработник за маркетинг и односи со јавност за раководител, а истовремено, како што велат, му „потпишал плата“ за февруари за таа позиција, иако лицето до наведениот датум извршувало работни задачи на друга функција.

„Таквото постапување на новоизбраниот директор кај нас отвора многу сомнежи и прашања. Уште еднаш јавно упатуваме прашање до ресорната министерка, г-ѓа Стефоска, на која најуредно ѝ побаравме оставка од функцијатата министер за култура на РМ, за што таа до ден – денешен не најде за потребно да ни одговори. Ја прашуваме: Дали заслужува таков човек со неадекватно образование и отсуство на искуство во културата, со непостапување согласно законите на оваа држава, да ја води нашата институција? Во моментов течат и постапките пред надлежните судови“, се додава во нивното соопштение.

Истовремено, тие го повикаа и Основното јавно обвинителство во Струмица да ги разгледа ваквите индициите и апелираа за поголема експедитивност на Државната комисија за спречување корупција и Управниот суд.

„Драмскиот ансамбл на НУЦК ‘Антон Панов’ – Струмица, останува на своите барања и потенцира дека нема да ја спроведе Годишната програма за 2021 година, одобрена од Министерството, и нема да го реализира тековниот репертоар сѐ додека министерката не ги прифати нашите барања“, порачуваат тие.

Иницијативата „Култура или фис-култура“ во изминатиот период организираше бројни протести и перформанси, а имаше средби со Претседателот и министерката за култура. Исто така, тие поднесоа поднесоа тужба до Управниот суд, како и претставка до Антикорупциската комисија.

М.К.