На повикот за продолжување на масовните протести во Белорусија, противниците на претседателот Александар Лукашенко сакаат да ги искористат прославите по повод Денот на победата овој викенд, за да го потсетат светот на тековните кршења на човековите права од страна на режимот и континуираниот отпор во земјата. Тие исто така бараат од Брисел да ги заостри санкции против Минск, јавува „Евроњуз“.
Земјата се соочи со протести од историски размери откако долгогодишниот лидер Лукашенко победи на претседателските избори во август 2020 година, за кои се сметаше дека се наместени. Властите пак, одговорија со брутална акција кон демонстрантите.
Во изјава за „Евроњуз“, клучната белоруска опозициска фигура Павел Латушко повика на нови масовни протести на Денот на победата, на 9 мај.
„Од една страна, ова е фактор што покажува дека не се предаваме, дека не се согласуваме со фалсификувањето на изборите што се одржаа на 9 август 2020 година, со насилстлвото кое режимот го спроведува денес врз Белорусите. За нас е исто така многу важно да испратиме сигнал до светската заедница дека Белорусите не се согласуваат со режимот што денес постои во нашата земја“, изјави Латушко.
„Од друга страна, ова е легален државен настан, ова е единствената можност легално да учествуваме на масовни настани на територијата на Белорусија, немаме други можности да го сториме тоа“, додаде тој.
Исто така, Латушко истакна дека сегшаниот прогон на опозицијата во Белорусија е најлошиот терор што го видела Европа во последните 40 години.
Тој ја повика Европската Унија да примени построги санкции од оние што веќе ги наметна врз Минск, како што се исклучување од системот за плаќање ‘Сфивт’ и други економски мерки, слични на усвоените блокови во резолуцијата за Русија.
„Зборуваме за репресии врз стотици илјади Белоруси, милиони Белоруси во ова време, кога има мртви, убиени, измачувани. И во овој момент велите дека санкциите против 88 лица и 7 претпријатија што немаат никакво значење за економијата на земјата се санкции? Па, Лукашенко, за жал, само се смее на ова“, вели Латушко.
Лукашенко досега ги игнорираше бројните повици на опозицијата за преговори за повторување на изборите под слободни и фер услови, за ставање крај на полициската бруталност и ослободување на политичките затвореници.