Истражувачи од Универзитетот „УЦЛ“ велат дека според нивното меѓународно истражување луѓето ширум свет ги чувствуваат своите телефони како свои домови“, пренесува „Гардијан“.
Корисниците на паметни телефони се претвориле во „човечки полжави кои го носат својот дом во џеповите“, со тенденција да ги игнорираат пријателите и семејството поради нивниот уред, вели ново истражување.
Тим на антрополози од „УЦЛ“ потрошиле повеќе од една година документирајќи го користењето на паметни телефони ширум светот, од Ирска до Камерун, а стигнале до заклучок дека телефоните не се тривијални играчки, туку напротив, луѓето ги третираат уредите како што го третираат својот дом.
„Паметните телефони веќе не се уреди кои само ги користиме, туку станаа место во кое живееме. Лошата страна на сето ова е дека човечките вмрежувања, без разлика дали станува збор за оброк, состанок, активност, едно од лицата може да исчезне и да се врати во својот дом – паметниот телефон“, истакнал професорот Даниел Милер, кој го предводел истражувањето.
Овој феномен доведува до „смрт на блискоста“ кога станува збор за контакт лице-в-лице, додал тој.
„Ова однесување, фрустрацијата, разочарувањето или пак навредата која може да се предизвика е нешто што го нарекуваме „смрт на блискоста“. Учиме да живееме со фактот дека иако физички сме вмрежени, ние сме сепак социјално, емоционално или професионално осамени“, изјавил Милер.
Ако постои една специфична причина за оваа трансформација, истражувачите сугерираат дека тоа се апликациите за комуникација како „WhatsApp“ кои тие ги нарекуваат „срцето на паметниот телефон“.
За многу корисници ширум светот, една апликација може да претставува најважната работа која ја имаат во паметните телефони – „Line“ во Јапонија, „WeChat“ во Кина и „WhatsApp“ во Бразил.
„Овие апликации се платформи каде браќата и сестрите се договараат околу негата на своите родители, каде гордите родители праќаат стотици фотографии од нивните бебиња, каде емигрантите се спојуваат со своите семејства – тие докажуваат дека можете да бидете баби и дедовци иако живеете далеку од фамилиите“, потенцираат истражувачите.
За разлика од многу перспективи преку кои може да се проучуваат паметните телефони, истражувањето е фокусирано кон постарите лица кои не се сметаат ни за млади, ни за стари.
„Фокусот кон постарата генерација на прв поглед можеби изгледа чуден бидејќи навикнати сме да се фокусираме кон младите, кои најпрво се сметаа за природни корисници на паметни телефони, но фокусот кон постарите лица ни помогна да направиме истражување каде паметните телефони се генерална сопственост на човештвото“, нагласиле истражувачите.
Дури и со различниот фокус, истражувачите заклучиле дека паметните телефони веќе станале основна потреба.
„Паметните телефони се основна потреба во домот, па и на работното место поради времето кое го поминуваме користејќи ги“, заклучиле истражувачите кои го создале и терминот „пренеслив дом“ за да го објаснат ефектот кои тие го имаат.
„Ние сме секогаш дома. Ние станавме човечки полжави кои го носат својот дом во нивните џебови“, истакнале тие.
Истражувачите посочуваат дека новиот дом веќе не е место за одмор и релаксација, имајќи предвид дека работните комуникации, како и социјалните мрежи секогаш не демнат.
„Со други зборови, паметните телефони го намалуваат претходното искуство во кое домовите беа место за бегство. Се очекува вработените да ја продолжат комуникацијата со работното место дури и по работното време. Доколку некое дете на училиште е жртва на насилство, одењето дома нема да му помогне бидејќи насилството може да се одвива и на мрежите“, заклучуваат истражувачите.
Но професорот Милер предупредува и за ова негативно гледиште.
„Паметните телефони ни помагаат да креираме и рекреираме бројни однесувања – да се споиме со подалечните членови од семејството, создаваат нови платформи каде се дебатира за здравствено осигурување и политика. Само преку анализирање на бројните и разновидни користења и контексти можеме целосно да ги разбереме последиците од користењето на паметните телефони врз луѓето ширум светот“, објаснил тој.