Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Катедрата по графика и Фондацијата „Драгутин Аврамовски-Гуте“, по 34-ти пат ја организираат изложбата „Студентска графика – Драгутин Аврамовски – Гуте“.
Изложбата ќе биде отворена на 11 мај во 13 часот, во Галеријата на ФЛУ, со почитување на безбедносните мерки дефинирани во протоколот за организација на настани, како и протоколот за работа на галерии и изложбени простори.
На отворањето на изложбата ќе биде доделена наградата за најуспешно графичко дело реализирано во академската 2020/2021, како и пофалници за студентите чии дела влегуваат во потесна селекција.
Учество земаат студенти од сите студиски години на Катедра по графика и Катедра по ликовна педагогија – насока графика. Како и изминатите години, изложени се и плакати дизајнирани за овогодинешната изложба од страна на студентите од 4-та година кои ја посетуваат наставата на модулот Графички дизајн.
Традиционално, за најдобро изведено графичко дело во академската 2020/21 година, ќе биде доделена паричната награда од семејната Фондација „Драгутин Аврамовски – Гуте“, како и можност за самостојно претставување на наградениот студент во текот на следната академска година во галериите на ФЛУ.
Организацијата на оваа изложба е реализирана од Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Фондацијата „Драгутин Аврамовски – Гуте“ ја доделува истоимената награда од 1988 година, кога за прв пат постхумно е доделена, во чест на нашиот професор и колега, еден од основачите на Катедрата по графика.
„Од 1990 до 2019 година, се доделуваше парична награда и годишна стипендија за најуспешна студентска графика изработена во тековната академска година, спонзорирана од фирмата „Сетком трејд“. Се надеваме дека после пандемиските услови ќе продолжиме со оваа традиција“, велат од организацијата.