Со проекција на документарниот филм „Форте“ од програмата на фестивалот „Вечери на женски права“ на режисерот Дејвид Донели, на 14 мај, петок, со почеток во 20:30 започнува со работа летното кино под отворено небо „Мирно лето“ – во дворот на Кинотеката.
„Во рамките на фестивалот „Вечери на женски права“ ќе бидат прикажани и документарните филмови: „Денот на жената“ на Долја Гавански и „ Тоа е тинејџерски свет – вмрежени за секс, лаги и игри на моќ“на Лин Глазиер“, велат од Кинотеката.
Оттаму информираат дека програмата на летното кино ќе продолжи со традиционалната „Недела на италијански филм“.
Во текот на италијанската недела, тематиката на филмовите ќе ја обработуваат темата на емиграцијата, а ќе бидат прикажани седум филмски наслови – „Леб и чоколада“ на Франко Бусати, „Новиот свет“ на Емануеле Криалезе, „Да ви се претставам? Роко Папалео“ на Етопе Скола, „Добредојдовте на југ“ на Лука Миниеро, „Сако и ванцети“ на Џулијано Монталдо, „Убав, чесен емигрант во Австралија би се оженил со чесна сограѓанка“ на Луиџи Ѕампа и „Тробојката оди на гласање“ на Карло Верзионе.
„Во рамките на летното издание на „Скопје филм фестивал“ ќе следуваат две вечери со проекции на филмови, а на 26 мај ќе се одржи и церемонијата на доделување на годишната награда на Кинотеката „Златен објектив“, нагласуваат од Кинотеката, додавајќи дека добитници на „Златниот објектив“ – награда на филмски работници кои преку својот професионален ангажман придонеле за создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија оваа година се режисерот Коле Манев и монтажерот Спасе Тасевски.
„Кон крајот на мај започнува и 11-то издание на Филозофскиот филмски фестивал, кој продолжува и во текот на јуни. Јуни, пак, е месец „Полн како око“ со филмски наслови од Неделата на јапонскиот филм, Неделата на новиот германски филм, проекции на дигитално реставрираните македонски играни филмови МИРНО ЛЕТО и ФРОСИНА, како и редица други пријатни изненадувања“, информираат од Кинотеката
Оттаму нагласуваат дека билетарата ќе биде отворена секој ден од 19 часот, а проекциите ќе започнуваат во 20 часот, кои ќе се одвиваат со целосно почитување на препораките за заштита од КОВИД-19.