По скратена постапка, Собранието на вчерашната седница го усвои Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти. Законот кој беше поддржан и од власта и опозицијата, беше изгласан со 72 гласа „за“ и 5 гласа „против“, а три пратеници беа воздржани.
Овој Закон предвидува легализација на дивоградби изградени до денот на стапување во негова сила, односно до осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник“ и тој ќе важи до правосилно завршување на постапките кои се започнати согласно законот.
Со законот се отвара пат гаражи, остави и базени кои сопствениците ги граделе без дозвола, како и дивоградби во национални паркови, природни резервати, споменици на природата и подрачје на заштитено недвижно културно наследство, да можат да се легализираат.
Легализација ќе биде дозволена и во прва и втора санитарно-заштитна зона на извори на вода за пиење, по добиена согласност од надлежниот орган.
Исклучок се дивоградбите во границите на Охридскиот регион во кој се наоѓа природното и културното наследство, како и дивоизградени станбени згради и дивоизградени доградби и надградби на станбени згради.
Сопствениците на дивоизградените објекти за легализацијата ќе треба да платат за 50% поскапи комуналии од она што би го платиле ако имале дозвола за градба. Од комуналии се изземени корисници на парична помош од социјална заштита, државните органи и локалната самоуправа, како и верските организации.
„02 Иницијатива“ реагира дека по донесување на Законот „може слободно да ја погребате надежта за правна држава на овие простори“.
„Од хациенди, базени, доградби, надградби, гаражи, остави, во заштитени подрачја и вон нив, насекаде, онаму каде првиот закон застана, на 3.3.2011, сега сè ќе се легализира со новиов закон каде рокот е кога ќе стапи на сила. Значи има уште време да си доизградите на диво пред да поднесете барање да ви се легализира. Ова на предлог на ВМРО-ДПМНЕ се додаде и се усвои, инаку ќе беше за дивоградби изградени до 1.10.2019. Со овој закон се запираат сите постапки за рушење на дивоградби и сите поврзани управни и судски постапки. Да, тоа значи и ако има кривични пријави, и тие се стопираат. Пратениците од Комисијата за транспорт, врски и екологија, со исклучок на претеничката на ДОМ, само пред неколку дена усвоија и измена со која законов нема рок на важење од 7 години, туку ќе важи додека сите постапки не се завршат, колку и тоа долго да трае. Истовремено и на стариот закон, чија важност истече на 3.3.2021, му го тргнаа рокот на важење, па и тој е на сила до недоглед“, стои меѓу другото во реакцијата на еко-активистите.
⬛️ Можете слободно да ја погребате надежта за правна држава на овие простори.
⬛️ Пратениците од различни партии,…
Posted by O2 Иницијатива on Tuesday, May 11, 2021