Објавена платформата „МојГрад“ за граѓанска партиципација во носењето одлуки во Советот на Град Скопје

Горјан Јовановски

„Мост кој треба да ја поправи нарушената комуникација меѓу локалните власти и граѓани“. На овој начин софтверскиот инженер Горјан Јовановски ја опишува платформата „МојГрад“ која овозможува граѓанска партиципација во процесот на носење одлуки во Советот на Град Скопје, а која денеска беше пуштена во употреба.

Преку оваа веб-платформа, секој граѓанин може да поднесе предлог за тоа како мисли дека градот може да биде подобар, похуман и позелен, објаснува Јовановски за Радио МОФ.

Предлозите пак, потоа се гласаат од останатите корисници на платформата, а топ трите предлози се поднесуваат до градските власти за одобрување и имплементирање на секоја седница на Град Скопје.

„Платформата треба да ја покаже масовноста на граѓанскиот глас. До сега, вакви иницијативи се водеа преку Фејсбук постови и ‘change.org’ петиции, што со тек на време се губат, и не може да се доволи вистинскиот број на граѓани зад нив“, вели Јовановски.

Преку платформата, зад која стои коалицијата на граѓански здруженија „Зелен Хуман Град“ каде членува и активистката и советничка на Град Скопје Драгана Велковска, Јовановски посочува дека не само што на едно место ќе бидат сите предлози и иницијативи, туку и преку советниците кои се дел од тимот, предлозите ќе може да се праќаат до Советот за да се гласаат.

На „МојГрад“ може да се најави секој граѓанин преку својот Фејсбук профил, но и да учествува во поднесување и гласање на предлозите.

„Во моментов сите предлози што се под надлежност на Град Скопје, ќе може да ги поднесеме директно до советот на градот за да се гласаат, бидејќи таму имаме советници од нашата група. За сите други предлози што не се во градската надлежност, може да им помогнеме на тие што ги поднеле, како да ги искомуницираат со нивните локални власти и сепак да се преземе иницијатива и акција. Се надеваме дека во иднина, нашата група ќе има советници во многу повеќе локални власти, и ќе може платформата да заземе уште поголема сила“, истакнува тој.

Предлозите кои досега се објавени на „МојГрад“

Јовановски во меѓувреме ги повикува граѓаните да се приклучат на платформата, да поднесуваат предлози и да гласаат за тие во кои веруваат, додавајќи „да се бориме сите заедно за зелената иднина на нашите градови“.

„Верувам дека многумина од нас имаат фрустрации околу начинот како се водат нашите градови и општини. Од зградите кај Холидеј Ин, до зградите кај Треска, (не)зачувувањето на Езеро Треска и узурпурање на зелените површини, сведоци сме дека треба промена. Треба гласот на граѓаните да е посилен, а ‘МојГрад’ ќе го овозможи тоа“, истакнува тој.

На платформата може да се предложат идеи за во сите општини, но засега, предлозите директно ќе може да се поднесуваат само тие во надлежност на Град Скопје.

„Тоа не значи дека предлозите за другите општини, самите граѓани не може да ги поднесат до нивната локална самоуправа, напротив, тоа и го охрабруваме. Ова е платформа од граѓаните, за граѓаните, и сите треба да учествуваме во неа“, порачува Јовановски.

Идејата за ваква платформа меѓу групата тлеела подолго време.

„Потребата е тука, воочуваме потешкотии во комуникацијата со локалните и градските власти, и граѓаните најчесто се чувствуваат беспомошни, користејќи ги само социјалните мрежи како издувен вентил за тоа незадоволство. Платформата е проактивна алатка, преку која може да ја усмеруваме таа енергија на право место“, посочува Јовановски.

Инаку, концептот на платформата е направен според шпанската платформа „Козул“, но инженерот Јовановски вели дека тие сакале да создадат нешто нивно, со цел да имаат поголема контрола врз можностите и локализацијата на платформата.

М.К.