Иницијативата „Култура или фис-култура“ денеска излезе на нов протест во Струмица, незадоволни од поставувањето на поранешен професор по физичка култура за директор на институцијата НУЦК „Антон Панов“, за кој тврдат дека ја злоупотребил службената должност.
„Потсетуваме дека Министерството за култура назначи генерален директор на културна институција кој не ги поседува потребните компетенции за извршување на една таква одговорна функција. Од тие причини, бевме приморани нашата борба да ја водиме по правен пат“, стои во нивното соопштение.
Во меѓувреме, тие упатуваат и прашање до претседателката на Државната комисија за спречување корупција Билјана Ивановска, во однос на тоа, до каде е нивната претставка за одлуката за генерален директор на институцијата да се назначи професор по физичка култура, но запрашаа и кога ќе има финален став по тоа прашање.
„Истото прашање го упатуваме и до претседателот на Управниот суд, судијата Бурим Сејдини, како и до Основното јавно обвинителство во Струмица, по повод нашата пријава во која се сомневаме дека сегашниот директор ја злоупотребил својата службена должност и овластување“, се додава во нивното соопштение.
На почетокот од овој месец, од инцијативата објавија и сомнежи и индиции дека моменталниот директор, како што посочија, ја прекршил законската постапка за промена на Систематизацијата на работните места.
Протестот тие го најавија вчера, посочувајќи дека нивниот проблем се уште останува нерешен, додавајќи дека затоа тие се цврсто решени да не попуштаат пред неправдата, но и најавија дека ќе бидат тука за да ја потсетуваат јавноста и надлежните институции се до решавање на проблемот.