Скоро една година по издавањето на неговиот прв авторски микстејп „Drüggy слушатели“, скопскиот продуцент Drüggy го објави и својот прв албум – „Неврзаните“, кој го претстави со синглот „Кензо Танге“.
Тој вели дека почнал да работи на албумот на почетокот на пандемијата, а се одлучил да одбработува политичко општествени теми преку песните „Кензо Танге“, „Неврзаните“, „ДДВ“ и „091 до 02“, но и лични љубовни теми кои ја изразуваат неговата помека страна.
„Тоа ми даде можност да погледнам малку во себе, но и околу себе. Клупските влијанија кои претходно беа тука, сега ги немав. Тоа ме натера да се вратам на мои корени и инспирацијата која ја имав од раниот олд скул хип-хоп од 80тите. Воедно ова ми даде и можност да погледнам и размислувам за многу општествени проблеми во нашата држава и регион. Целиот албум има ретро влијание, но во кој е испреплетен мојот стил за да биде релевантен и во 2020/21. Ретро звукот е во функција и на лириката која често потсетува на едно време кога нашето општество било посилно. Со албумов сакам тие „стари добри времиња“ да ги донесам во сегашноста. Но, за тоа треба борба“, вели тој.
„Неврзаните“ е албум каде Drüggy, познат како продуцент, овојпат се јавува и како вокал – решение кое збуни многумина. Тој истакнува дека пандемијата ја ограничила можноста за соработки, па решил да настапи како вокал.
„Не ми беше важно мојот глас да се познае, колку што ми беше важно да се пренесе пораката. Во сите песни се појавувам како вокал, можеби тоа и не се познава толку од вокодерите. Имам желба за пишување и по мојата професија и опфаќа пишување и копирајтинг. Имав идеи и пораки во главата кои само јас можев да ги пренесам онака како што сметам дека е правилно. Побитна ми беше пораката, отколку да се познае мојот вокал“, објаснува тој.
Неврзаните
Според Drüggy „Неврзаните“ се сите кои одбиваат да бидат контролирани и да слугуваат во хиерархијата на системот.
„Тоа се сите оние кои се гласни и се борат против неправдите во системот. Ќе ги најдеш на протестите против загадување на воздухот. Гласни се против урбаната мафија и архитектите на дивоградби. Не молчат за уништување на природата и не се плашат од полициската бруталност и селективност. Сигурно не се „не се замарам“ фаците и сигурно не се „лепачи на плакати“ за владеачките маси. Албумот го посветив на „неврзаните“ и се надевам овие песни дополнително ќе ја разгорат искрата која постои во нив. „Неврзаните“ се тука да го променат статус-квото“, објаснува тој.
Синглот „Кензо Танге“ имаше политичка нота и беше широко прифатен. Drüggy се надоврзува дека доколку музичарите не сакаат да се изгубат во „копи-пејст“ масата, тогаш нивната музика треба да има доза активизам, или пак, идеи кои ќе го натераат слушателот да се замисли.
„Малку и сум разочаран што не многу артисти кај нас ја користат музиката за активизам. Конкретно во хип-хопот моментално има две доминантни струи, и јас во ниедна не се пронаоѓам. Едната струја е на нови трап деца кои зборуваат само за тоа колку се успешни и колку се „дрогсаат“, а јас гледам само трошење на кешот од мама и тато. И имаш „кончес рапери“ кои серат за се што е ново, а многу малку ја искористиле музиката за да пренесат некоја нова идеја. Уште „сечат со рими“ и се фалат за „флоуто“. Нема никаква прогресивност, само закоченост во времето“, вели тој.
Сепак, Drüggy смета дека нашето општество и закоченоста во која се наоѓа е многу плодна почва за активизам.
„Веќе сме и стигнати до степен до кај што немаш што да загубиш… Така да, мора да се сите погласни и посвесни за она што се случува околу нив. И истото да го изразат преку својата музика. Секој артист е должен да го одбележи своето време, ако сака да се нарече себе си артист“, вели тој.
Урбана мафија. Нездрава животна средина. Политички неправеден систем. Ова се само дел од проблемите со кои се соочуваат младите во државата, објаснува Drüggy.
„Пред очи им го земаат природното богатство. Сето ова им го прават политички елити во комбинација со нивните црни бизниси. Се наоѓаат во средина каде што буквално се помотивирани да се бават со криминал, отколку со наука. Зошто гледаат кого општеството го наградува, а на кој му прогледува низ прсти. Повеќе има шанси да го „јадат“ за пушење трева, отколку за наместен тендер и криминал против здравјето на граѓаните. Не е само кешот проблем. Повеќето луѓе си заминуваат поради неправдите кои ги чувствуваат на многу нивоа“, истакнува музичарот.
Државна уметност
Зборувајќи за тоа каква е состојбата на независните музичари во пандемијата, Drüggy прво објаснува дека за независни музичари ги смета оние кои не прават компромиси за своите дела и не чекаат од државата за пари.
„Секогаш сум гледал да не бидам во подредена позиција. Сум имал и други извори на приходи покрај музиката и тоа ми дало можности да не правам компромиси за мојот звук, да не прифаќам настапи кои ги сметам за недолични и да не аплицирам за државна помош. Оние кои се ставија во таква подредена положба, лошо поминаа. Мора да се бараат алтернативни начини за сцената во време на пандемија. Онлајн настани, издавање и продавање албуми итн. Дури и ново хоби/работа не е нешто страшно од кое треба да се срамат музичарите“, вели тој.
Од друга страна, се надоврзува, пандемијата отвори многу слободно време за правење музика. Дополнува дека оние попаметните го искористие времето за да подготват нови проекти, па кога ќе заврши пандемијата, да имаат подготвено материјл за издавање и настапи со што побрзо ќе се вратат во подобрена положба.
„Додека го пишувам текстот моментално има дозвола за настани, но со ограничен капацитет. Ова создава нефер ситуација на пазарот, особено за независните уметници. Во овие околности само организатори на настани кои имаат помош/субвенции од државата или некои слични ентитети можат да прават настани, а да не се во загуба. Ги реализираат настаните за да може да им бидат префрлени ветените средства. Другите кои работат на пазарен систем, односно број на продадени карти, не можат ни на нула да излезат во моментов“, вели Drüggy.
Ретро инспирација
„Неврзаните“ е албум кој црпи звучни влијанија од југословенската електроника и synth-pop сцената како „Duft punk#, „Kraftwerk“ и „Afrika Baambata“. Албумот содржи само две соработки, инструменталката„Нова ера“ која е изработена со скопскиот бенд „ИСКРА“ и „Глеј и плеј“ која е песна соработка со Секси Марса.
„Со исклучок на овие две соработки, проектот е целосно во моја продукција, музика и лирика на траките. “One man show“ во пандемија. Голема благодарност до Green Sequence кој беше рекординг инжињер и кај кого ги снимив вокалите. Огромна благодарност до Илија Димкоски (OX Streets) кој заедно со Моника Павловска ја преточија визуелно слободарската идеја на „Неврзаните“ и го сработија каверот за овој проект. Респект и за храброста на моделите за нивната „слобода“.За да се задржи ретро шмекот на албумот, се планира наскоро да излезе и издание на касета во издание на „Mantra Cookie“, најавува Drüggy.
И.С.