Фарса или дебата – во што се претвори јавната расправа за законот за медиуми?

Врз основа на што оценувате дека е лоша состојбата со медиумите во Македонија? Дали извештаи ги правите по свои видувања и по свои стандарди?

Фото: Курир

Ова се дел од прашањата упатени до експертите на ОБСЕ, Советот на Европа и TAIEX мисијата, на јавната расправа наменета за Законот за медиуми и Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, на покана на Министерството за информатичко општество и администрација.

Новинарката Мирка Велиновска во своето обраќање истакна дека би сакала да знае, врз основа на кои критериуми, збирот од експерти како помошници на политичарите во донесување соодветни одлуки на ниво на Европска унија, ги пишуваат извештаите за состојбите во медиумите во една земја, како на пример за Македонија.

„Ние овде добиваме став дека законот не чини или слободите се загрозени или не постојат,  врз основа на што не оценувате ако секој од вас има свои лични мерит системи по кои донесува свои ставови? Би сакала да ми кажете чии се оценките за состојбите во македонското новинарство или предлог законите во оваа сфера ако секој експерт си има свој став? Кој не оценува, по кои стандарди? И имаме ли гаранција дека утре за овој закон, нема некој ваш колега на есен во форма на извештај и политичка оценка да ни го врати назад и да не оценуваат после дека сме недемократска земја во поглед на новинарски слободи?“, рече Велиновска.

Новинарот Бобан Нонковиќ исто така ги запраша меѓународните претставници колку реално нивните препораки и директиви се почитуваат и следат од самите земји членки на тие организации.

„Им се заблагодарувам на сугестијата на меѓународна асистенција во однос на нашите домашни употреби за регулирање на медиумската состојба, но истовремено морам да ги запрашам дали тогаш нивните извештаи тие ги оценуваат по свои видувања и по свои стандарди или ќе ги почитуваат стандардите и состојбите во државата и според нив односот во медиумите. Претставничката на ЕК би сакал да ја прашам како Комисијата во оние свои прогрес извештаи ги оценува состојбите на медиумите во нашата држава, ако смета дека не треба да се меша и ние треба сами да си го регулираме тоа“, рече Нонковиќ.

Поканетите странски експерти се правдаа – „ние не сме дојдени да ви кажеме што да одлучите, даваме совети и препораки кои не мора да ги прифатите“.

Експертот од ОБСЕ, Катрин Метиев, рече дека таа има мандат да говори само за законот за медиуми.

„Јас сум изненадена дека сакате странците да дојдат и да ви кажат што точно да правите. Кога коментиравме за состојбата со медиумите во Македонија, можеби и колегите од Советот на Европа ќе се согласат, јас не сум го правела тоа и тоа не е во мој мандат, јас коментирам само за законот и ништо друго не коментирам. Кога зборуваме за проценка на Европската унија за тоа каква е состојбата во Македонија, тоа е веќе сосема друго прашање и ние тоа не го работиме, нашата задача е само да го коментираме работниот текст и само тоа“, рече Метиев.

Сандра Башиќ Хорватин од TAIEX пак истакна дека политичката култура, не се добива со нов закон.

„Политичка култура не може да имате со закон, ако сакате да бидете Би-Би-Си, треба да ги имате тие политичари, да ја имате монархијата, кралицата, Комонвелтот. Политичката култура треба да се подобри во самото општеството, а дијалогот е дел токму од таа култура. Имаме заедничка цел, а тоа е постоење на слобода во изразувањето и постоење на законот за медиуми“, рече Хорватин.

За некои фарса, за други вистинска полемика. Во што се претвори јавната расправа за законот за медиуми?

Министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски на забелешките од страна на Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани дека дебатата се води во погрешна насока, рече дека се труди да ја води дебатата како и сите други дебати.

„Се трудам да ја водам оваа дебата како и сите претходни дебати, да бидат цивилизирани и ќе ги замолам уште еднаш присутните да не се навредуваат меѓу себе и да може да се полемизира. Имавте ваши ставови, ги искажавте, голем дел од вашите забелешки се прифатени, ваше е да одлучите дали се согласувате или не се согласувате, ние тоа го имаме на хартија, но знаеме дека вашиот став е да не постои закон за медиуми, но ние одиме во насока дека треба да постои закон за медиуми“, рече министерот.

Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, пак, смета дека дебатата за законот за медиуми е претворена во фарса. Може да се обвинуваат странците, може да се тврди дека постои заговор против Македонија, но реалноста е поинаква, смета тој.

„Јас дојдов денес овде да покажам колку е бесмислена дебатата, затоа што самиот министер учествува во нарушување на еден нормален тек кој треба да го има една јавна расправа. Од почеток работите се тргнати на еден погрешен колосек. Бараа од нас забелешки им оставивме забелешки, никој не ни објаснува зошто не ни се прифаќаат забелешките, никој не објаснува зошто има такви решенија и потреба од такви решенија во законот. Дефинитивно е јасно дека Владата нема намера да ги реши проблемите во медиумите туку напротив да имаат уште повеќе контрола во медиумите и по можност да го замолчат секој можен критички глас во општеството“, рече Селмани за Радио МОФ.

На само еден ден пред јавната расправа Министерството за информатичко општество вчера објави четврт нацрт од Законот за медиуми кој содржи нови амандмани.

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Македонскиот институт за медиуми и Иницијативниот одбор за ослободување од притвор на новинарот Кежаровски, вчера најавија дека нема да присуствуваат на јавната расправа за нацрт-работните верзии на законите за медиуми и за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, поради нетранспарентноста на институциите и нерешавањето на вистинските проблеми во медиумската сфера.

Од Македонскиот инсититут за медиуми сметаат дека во процесот за носење на законот за медиуми, наместо вистински и стручен дијалог јавноста доби козметика и маалски шеретлук.

К.О.