Без обезбедени средства во буџетот на Управата за заштита на културното наследство, реализацијата на договорот од 523 милиони денари за повеќегодишната градба на Античкиот театар Скупи е бавна. Од 2016 година до крајот на 2019 година реализирано е само 7,56 проценти од договорот, објави денеска Државниот завод за ревизија (ДЗР).
ДЗР лани извршил ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност за 2019 година кај Управата и, како што соопшти денеска, изразил неповолно мислење за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи како и за усогласеност со закони и прописи.
Според документите на Управата за заштита на културно наследство, Владата одобрила спроведување на постапка за повеќегодишна набавка за реконструкција во вкупна вредност од 8,6 милиони евра.
„Со увид во буџетот на Управата за 2016, 2017, 2018 и 2019 година, ревизијата утврди дека не се планирани средства во износ утврден во мислењето на Министерство за финансии, по кое се дава согласност за реализација на оваа повеќегодишна постапка за јавна набавка. Без добиено одобрение за градење изведувачот е воведен во работа што не е во согласност со член 56 од Закон за градење. Од страна на изведувачот во септември 2019 година е испратен допис до Управата со кој се известува за малиот процент на реализација на договорот и се истакнува дека извршени се сите подготвителни работи, но до датумот кога е доставен дописот нема инструкции кога и на кој начин ќе се продолжи со проектот и необезбедувањето на средства во буџетот на Управата за повеќегодишната градба на Античкиот театар Скупи придонело реализацијата на договорот до крајот на 2019 година да е само 7,56 проценти“, стои во соопштението.
Дополнително, се наведува дека ревизорите утврдиле дека од програмата за Возобновување на Св. Климентовиот Универзитет на Плаошник, од 2010 година до денот на ревизијата, потрошени се средства во износ од 12 милиони евра.
Утврдени се повеќе слабости во делот на непочитување на одредбите од Законот за јавни набавки, Законот за градење и одредбите на склучените договори. Резултат на ваквата состојба е пролонгирање на роковите за изградба на објектите, како и поскапување на градбите за што се потрошени повеќе буџетски средства во услови кога објектите сеуште не се во функција.