Македонскиот филмски фестивал „Синедејс“ објави конкурс за студенти (или дипломирани) режисери, музичари (аматери или професионалци) без ограничувања на возраста. Станува збор за „Living music“ – резиденцијален проект, кој ќе се реализира за време на 20. издание на фестивалот кое ќе трае од 15 до 21 јули во Скопје.
Ментор на проектот ќе биде Дарија Андовска, редовен професор на ФДУ и ФМУ Скопје, композиторка, пијанистка и авторка на оркестарска, камерна, солистичка, вокална музика, музика за филм, театар и танц и мултимедијални проекти.
Рокот за пријавување е до 31 мај 2021 до 16 часот.
Резиденцијалниот престој во Скопје ќе трае од 9 до 19 јули, а трошоците за сместување, пат, храна и акредитација за фестивалот се на трошок на организаторот. Ќе се формираат 6 тима од апликантите од страна на комисијата (секој тим е составен од 1 режисер и 1 композитор)
Активната работа на проектот ќе биде од 9 до 15 јули , проби на 16 и 17 јули и завршна презентација на 18 јули. Во склоп на активностите ќе има и spotting-сесии и креирање музика на однапред селектирани краткометражни филмови.
„Композиторите треба да вклучат музичари во живо, ансамбл од 1 до 7 музичари по нивни избор. Музиката треба да биде електронска во комбинација со перформанс во живо или само акустична (перформанс во живо). Презентацијата е предвидена како концерт со проекција“, стои во повикот.
Партиципација за учество во проектот е 100 евра со кои се покриени сместувањето, патните трошоци, работа со ментор и асистент, храна и акредитација за фестивалот. Постојат лимитирани можности за стипендирање на партиципацијата.
Пријавата е достапна на следниот ЛИНК.