Министерот за здравство Венко Филипче денеска најави дека од идната недела ќе започнат да се издаваат дигитални „ковид-прописници“ со кои граѓаните ќе имаат електронска потврда дека примиле вакцина, направиле тест за коронавирусот или пак дека го прележале вирусот за непречено да патуваат во европските држави.
„Ние следната недела ќе го издадеме и таканаречениот „грин-пас“, тоа ќе биде оној електронски QR код преку кој ќе има податоци и за вакцината, ПЦР тест и евентуално за антитела. И доколку во некоја европска земја се бара било кој од овие параметри, патникот да може да ги има со себе“, изјави Филипче.
Министерот на денешната пресконференција информираше дека вакцинацијата се одвива добро и до денеска нешто под 200 илјади граѓани се вакцинирани, а од нив 30 илјади се ревакцинирани. Имунизацијата против Ковид-19 во Северна Македонија во моментов се одвива со вакцините на „Фајзер“, „АстраЗенека“, и на „Синофарм“.
Филипче најави дека мерките кои што се сега на сила ќе останат до 1-ви јуни, а посочи дека по тој датум ќе почнат да се разгледуваат можности за олабавување на забраните доколку продолжи позитивниот тренд на намалување на случаите со Ковид-19.
Според него, маските треба да останат во употреба и во иднина, додека за работата на угостителските објекти најави дека е можно да остане одлуката за работа само во надворешни површини, организирање свадби на отворено и евентуално да се зголеми бројот на посетители по маса. За сите други протоколи за угостителските објекти кои во моментов се на сила Министерот посочи дека се соодветни да продолжат и во иднина.
Изминатово деноноќие во земјава биле регистрирани 87 нови случаи на Ковид-19 и 17 починати лица. Бројот на активни случаи на заразени со коронавирусот во моментов изнесува 3.143.