Во собата за боење во седиштето на Лего, малите фигури добиваат светли и дречливи нијанси пред да бидат ставени во сет со боите на виножитото и нешто плус. Резултатот се шарени 11 нови мини-фигури кои чекорат кон посветла иднина во првиот ЛГБТКИА+ (LGBTQIA+) сет играчки насловени како „Сите се прекрасни“.
Боите се избрани да го отсликаат оригиналното знаме со боите на виножитото заедно со светло сина, бела и розова кои ја претставуваат транс заедницата и црната и кафената со која се оддава признание за различната боја на кожата и потеклото на припадниците на ЛГБТКИА+ заедницата.
На сите фигури, освен една, не им е даден одреден род, со намера да се „покаже индивидуалноста, додека останува отворена сексуалната ориентација“. Единствениот исклучок е направен кај виолетовата фигура, која има специфична перика, што според дизајнерот Метју Ештон очигледно ги претставува сите „дрег“ кралици.
„Кога менував канцеларии сакав да го направам просторот таков што ќе ме отсликува мене и ЛГБТКИА+ заедницата чиј горд член сум. Потоа други членови од Лего ЛГБТК+ заедницата ми кажуваа дека им се допаѓаат, па помислив – можеби ова е нешто што треба да се сподели“, објаснува Ештон.
Сетот коцки ќе започне да се продава од 1 јуни, што е почетокот на Месецот на гордоста, но сепак дел од Лего заедницата веќе добиле дел од овие изданија за да ги разгледаат пред промоцијата.
„Овој сет има големо значење. Често ЛГБТИ+ луѓето се чувствуваат дека никој не ги забележува, особено од страна на корпорациите. Постои многу зборување, а малку акција. Па ова изгледа како голем чекор“, објаснува Флин ДеМарко, член на ЛГБТКИА+ заедницата на повозрасните фанови на Лего.
Претходно компанијата за играчки имаше вклучено мало знаме со боите на виножитото во сет од Плоштадот Трафалгар, како и младоженец и невеста кои се продаваа посебно, за фановите да можат да стават две жени или два мажи заедно. Сепак, додека тоа беше посуптилно, според ДеМарко ова е далеку поотфорено.
„Луѓето гледаат на компании како Лего, компанија која ја сакаат и во чии производи уживаа, и си мислат – Еј, ако е ОК за Лего, можеби е ОК и за мене“, додава тој.