[Фото] Млади уметници покажуваат „Страст за лутање“

Под притисокот на живеењето како фиксни субјекти на капитализмот принудени сме да произведеме вредност што може да се потроши. Да се троши енергијата бесцелно е да се живее во непочитување на овој системски погон, да не се следи кодот на логиката на капиталот. Така, желбата за лутање е реткост, таа е скудна во сегашната ситуација. Креативното уметничко дело во својата природа не може да ја прифати ваквата ограниченост“.

Ова е дел од пораката на 13. Биенале на млади уметници, кое годинава од 5 мај до 1 септември се одржува под името „Страст за лутање“, во организација на Музејот на современа уметност (МСУ).

Неговото широко отворање кон јавноста се случи изминативе четири денови. Организаторот неслучајно одбра со настаните да се прошири надвор од архитектурата на МСУ, вклучувајќи соработка со Музејот на Македонија, Природнонаучниот музеј и зградата на Управата за хидрометеоролошки работи, како примери за модернистичко архитектонско наследство на Скопје.

Тука посетителите имаа можност да видат уметнички дела од различни млади автори, да слушнат диџејски сетови и концерти на Мартина Пенева, Aka Thesaur, Еми Ермилова и џез-составот „Светлост“. Имаа можност да излезат од секојдневните рестриктивни пракси, да доживеат одблиску уметност и, повторно, чувство на себереализација.

Артан Садику, еден од кураторите на Биеналето, за Радио МОФ вели дека тимот е презадоволен, а отворањето се погоди кога во државата се дозволи организирање настани.

„Всушност, видовме дека се поклопија две работи. Младите во Скопје и Македонија имаат потреба и се заинтересирани за современа уметност и музика. Она што е впечатливо е дека многу млади, што не беа вклучени во други активности и места, се појавија токму на ова Биенале. Од друга страна, мислам дека ефектот на тоа што скоро две години немаше други настани се истакна, па овие настани беа доста посетувани, особено од млада генерација од 17 години па нагоре“, вели Садуку.

За концептот, „Страст за лутање“, кураторот посочува дека целта била да се отвори прашањето на правото на движење. Тој момент сакале да го „радикализираат“.

Односно, „прашањето колку ние всушност сме слободни за бесцелно да талкаме во општеството, за да живееме без наложување“.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Engage Kicks & Gigs (@radiomofmusic)

„Да прашаме дали кога ќе се вратиме во ‘нормалата’, дали навистина ќе имаме право на движење вон оние воспоставени референци на капиталистичко уредување, експлоатација при одење на работа, па потоа истоштување, уморување… И, преку тоа да видиме дали може да се постави некаков нов, или различен општествен систем и општествена пракса која нема да се заснова на експлоатирање и организирање на целосниот живот во продукција на одредени продукти кои понатаму се спремни за консумирање, туку на уживање на уметноста, музиката… И, прашањето беше како од работата да се префрлиме на игра“, потенцира Садику.

Кураторскиот тим вели дека Биеналето го насочува вниманието на стручната и пошироката јавност кон делата на новите имиња од уметничката сцена.

Целта е да ги поддржи и поттикне креативните иницијативи на уметниците и кураторите од новата генерација, да создава услови за нивно јавно изразување и развој на современата уметничка сцена.

„За Македонија е релеватно дека младите кои се појавија и аплицираа за дела, покажаа доста развиена свест, особено за општестото. Исто така, доста развиени естетски вештини на нивните дела. Оттука, може да кажеме дека во Македонија младите можат да бидат носители на некоја нова идеја. Секако, ова Биенале, само по себе, не може тоа да го постигне, но може да иницира и мотивира други млади кои ќе преземат други дејствија да се направи промена во општеството. Клучно е дека успеавме да извадиме на виделина она што е потенцијал на младината во Македонија“, вели Садику.

Целата оваа енергија и ентузијазам на Биеналето планираат да ја продолжат до септември.

„Ќе има и музичка, едукативна и дискурзивна програма. Тоа значи дека ќе има предавања, проекции и концерти до септември“, најавува кураторот.

Инаку, почнувајќи од 19 мај, на Биеналето се изложени дела на повеќе од 30 локални, регионални и меѓународни уменици од Македонија, Србија, Кособо, Хрватска, БиХ, Италија, Аргентина и Турција. Вклучени се Дарко Алексовски, Стефан Анчевски, Мартин Волман, Сали Ертунч, Филип Ивановски Пепе, Методи Исков, Jован Јосифовски, Соња Јо, Ана Јовановска, Ресул Кабоглу, Никола Кекеровиќ, Ана Лазаревска, Николо Масини, Јулија Манојлоска, Ивана Мирчевска, Ана Марковска, Наташа Неделковa, Доротеј Нешовски, Мила Паниќ, Кристина Пулејкова, Никола Радосављевиќ, Дритон Селмани, Душан Стефановски, Бојан Стојкиќ, Милица Лазаревиќ Спировски, Ивана Самандова, Ана Трајковска, Адриен Ујхази, Елена Чемерска, Миа Чук и Зоран Шекеров.

Бојан Шашевски

*Фотографиите се од вториот и четвртиот ден од отворањето на Биеналето