Онлајн настанот на кој премиера ќе има филмот „Фаќачи на раселени сеќавања: случајот на Зиса Хаџиевски“, а ќе биде одржана и панел дискусијата со наслов „Усните сведоштва на македонските децата бегалци од Грчката граѓанска војна во дискурсот за соочувањето со минатото“ ќе се изведе на 28 мај со почеток во 18 часот.
Настанот ќе биде проследен на платформата „Зум“, во организација на ФорумЗФД – програмата во Северна Македонија.
„Целта на настанот е да фасилитира критичко размислување за положбата на усните сведоштва на децата бегалци од Грчката граѓанска војна во политиките на сеќавање во македонското општество и да поттикне процеси на согледување на едукативните аспекти на усните сведоштва во дискурсот за соочување со минатото во училницата и надвор од неа: во јавната историја и заедниците на сеќавање“, објаснуваат организаторите.
На настанот ќе се обратат Ивана Хаџиевска – авторка на документарниот филм, историчарка и независен истражувач, Љупчо Ристeски – антрополог и етнолог, редовен професор на Институт за етнологија и антропологија, ПМФ, Скопје, а модераторка ќе биде Јана Коцевска дипл. етнолог и антрополог, ЦИНИК-Скопје
За учество на настанот треба да се пријавите тука, а обезбеден е симултан превод на албански јазик на дискусијата и англиски превод на документарниот филм.
Организаторите потенцираат дека документарниот филм и усна историја е независен проект на авторката Ивана Хаџиевска реализиран во 2019 година, по повод одбележувањето на 70 години од крајот на Грчката граѓанска војна.
„Реализацијата на документарниот филм беше проследена со едногодишно истражување кое започнува од премисата за наративите за „македонските деца бегалци од Грчката граѓанска војна“ како важен дел од националните политики за сеќавање и се обидува да им пристапи критички на дискурсот за сеќавање. Истражувачкиот процес беше дизајниран за испитување на теоретските и едукативните потенцијали на усните сведоштва на децата бегалци, со што документарниот филм воедно претставува извор за усна историја како и полезен едукативен ресурс“, велат оттаму.
Споре дорганизаторите, панел дискусијата ќе отвори простор за разгледување на едукативните потенцијали на усните сведоштва, што го прави настанот особено интересен за наставниците по историја, мировните едукатори и тренери, студентите од областа на хуманистичките и општествените науки, авторите на етнографски и документарни филмови како и сите останати заинтересирани.