Пред 20-тина години шведското општество во поглед на образовната и општествената инклузија на лицата со интелектуална попреченост наликувала на она што денеска е реалност во Северна Македонија и поширокиот регион. Пер Јохансон, кој во тоа време се вработил во дневен центар за лица со попреченост во малото шведско градче Худиксвал, бил фрустриран од работите кои лицата со попреченост биле принудувани да ги учат или да ги прават. Една од работите кои го нервирале биле часовите на кои овие лица учеле како да си ги врзуваат чевлите.
„Сигурно постои нешто друго каде овие лица можат да ја вложуваат својата креативна енергија во нешто поважно. Зошто би го трошеле времето во нешто што не можете да го направите, наместо да ги развивате вештините во што сте добри“, се запрашал.
Јохансон понел неколку чевли со лепенки со него и ги повикал лицата да започнат заеднички театар. Така настанал проектот „Глада Худик Театар“, театарска група составена од актери со интелектуална попреченост и актери со „нормални пречки“. Целта на активностите е сите да го работат тоа во што се добри, а истовремено и да овозможи развој и активности од големо значење за лицата со интелектуална попреченост. Театар каде луѓе кои вообичаено не би поминувале многу време заедно можат да го надминат стравот и да ги претворат предрасудите во разбирање и пријателство.
„Нас ни беа потребни 10 години за да постигнеме статус во општеството. Негативниот однос кон лицата со попреченост го гледавме насекаде. Затоа почнавме да работиме со театар, работевме со луѓето, да снимаме филмови… Заклучивме дека мораме да бидеме помеѓу луѓето. Мислам дека е многу опасно да се одвојуваме, во групи. Мора да бидеме присутни помеѓу „нормалните“ за тие да ги препознаат и прифатат лицата со попречености“, објаснува Јохансон.
Театарот има постигнато огромен успех со повеќе претстави и филмови, а во моментов работат и на проектот „Децата не се раѓаат со предрасуди”, наменет за децата од 4-то до 6-ти одделение, кој од минатата година се спроведува и во четири македонски училишта. Програмата е дизајнирана на начин преку кој учениците природно се запознаваат со различностите. Учениците спроведуваат активности на најразлични теми поврзани со Конвенцијата за правата на детето на Обединетите Нации, социјалната исклученост, дискриминацијата или пак врсничкото насилство. Како дел од проектот децата заеднички гледаат и филмови во кои играат и лица со интелектуална попреченост.
Координаторката на овој проект во Северна Македонија, Наташа Димитровска, вели дека и покрај пандемијата, училиштата и настаниците успешно ги спровеле зацртаните активности, а од нив, но и од учениците, добиле бројни позитивни искуства. Планот од следната учебна година е да ја прошират мрежата на училишта каде ќе се спроведува проектот.
Во рамките на проектот изработени се четири кратки видеа во кои лицата со попреченост зборуваат за својот живот, успесите и придонесот во општеството.
Но, ваквите програми и проекти и понатаму остануваат ограничени во земјава. За ова сведочеа повеќе родители на лица со интелектуална попреченост и наставници на денешната дискусија која ја организираа „Глада Худик Театар“ и Шведскиот институт.
Весна Додевска, наставничка и родител на момче со аутизам, објаснува дека во земјава недостасува организираност, дружење и социјализација на лицата со попреченост.
„Една година имавме образовен асистент, кој ни беше доделен од општината, но за жал беше трговец-декоратер кој немаше основни познавања за тоа што значи дете со аутизам. Сите овие деца се со различен вид попреченост, мојот син воопшто не е вербален, иако има 16 години. Благодарам за училиштето во кое што посетува настава и за неговите соученици и одделенската наставничка, која вложи многу труд за да биде прифатен од децата, но во нашето општество треба уште многу, многу да се направи за овие лица. Затоа што сите се различни на свој начин, на сите им е потребен личен асистент, на сите им е потребен простор за дружење и изразување. Осамени се оние активности што се реализираат. Мојот син одел на пливање и јавање но благодарение на некоја невладина организација. Ннивниот живот беше тежок и пред пандемијата, а сега е уште потешко. Тие се во постојана изолираност“, објаснува Додевска.
Наставничката Јадранка Клисарова додава дека покрај проблемите со нестручноста на образовните асистенти, во училиштата нема и простор за потребите на учениците со попречености.
„Асистенцијата се уште не е на високо ниво. Тоа не се стручни лица. Тука се и наставниците. Ние се трудиме на секој начин да помогнеме. Прво и основно е важно учениците да бидат социјализирани во една средина. Зависи од наставникот како ќе бидат социјализирани во групата. Од моето искуство досега моите ученици се успешно вклучени и интегрирани со соучениците. Но ако немаме асистенција од стручно лице, дефектолог или по областа на попреченоста на детето, искрено кажано овде самите наставници не можат премногу да дадат“, објаснува Клисарова.
Според основачот на „Глада Худик Театар“, Јохансон, пораката на проектот е дека интеграција не значи дека сите се исти, туку дека треба да се научи да се прифаќа и почитува тоа што сите се различни.
„Можеби не можеме да го смениме целиот свет, но можеме да направиме промени во твоето одделение“, додава Јохансон.
Во земјава во овој проект се вклучени скопските основни училишта „Љубен Лапе“ и „Блаже Конески“ од Општина Аеродром, Св. Кирил и Методиј“ од село Стајковци, и Интернационалното училиште „Максимилијан“. Досега низ активностите поминале 380 деца.
Даниел Евросимоски