Фејсбук и Инстаграм сега даваат можност на сите корисници да ги скријат лајковите на нивните објави. Овој чекор потенцијално ќе ја промени една од најзначајните одлики на социјалните медиуми, каде бројот на лајкови беше знак за влијателноста на одреден корисник.
Двете платформи започнаа да ја тестираат оваа опција уште од 2019 година со цел да се направи нивното користење помалку стресно.
Од вчера секој корисник ќе може да избере дали луѓето ќе можат да ја гледаат бројката на лајкови на нивните објави, а исто така ќе имаат опција да изберат дали сакаат да гледаат колку луѓе лајкаат туѓи објави, соопштија од Фејсбук на нивниот блог.
Фејсбук се обидува да се справи со големите критики кон социјалните мрежи за нивната потенцијална штетност по здравјето на корисниците и на општеството. Сепак, и покрај оваа нова опција, криењето лајкови на Фејсбук и Инстаграм ќе биде избор, а не правило, што пак остава неизвесност околу тоа колку корисници навистина ќе се одлучат за ваков чекор.
„Она што го слушнавме од луѓето и експертите е дека кога не може да се види бројот на лајкови за дел од корисниците е корисно, а за дел од нив е проблематично, особено бидејќи луѓето ги користат овие бројки за да добијат слика за тоа што е популарно или што е актуелно, па затоа ви даваме избор“, соопштија од Фејсбук.
Доколку корисниците изберат да не се прикажува бројката на лајкови на нивните објави, другите луѓе ќе можат да ја гледаат листата на корисници кои стиснале лајк, но не и нивниот број. Истовремено, корисникот кој ја објавил содржината ќе има увид во бројот на лајкови, иако тие не се јавно прикажани.
Според компанијата оваа нова опција ќе овозможи корисниците да се фокусираат на фотографиите и видеата кои се споделуваат, наместо на тоа колку лајкови добиваат објавите.
Корисниците на Фејсбук и Инстаграм исто така ќе можат да изберат да не гледаат колку луѓе ги лајкале објавите на другите додека листаат низ своите профили. Оваа опција може да се вклучи преку категоријата „нови објави“ (new posts) во менито „settings“.